Османи од Украина: Ќе ги искористиме сите механизми за да помогнеме во напорите да се стави крај на ова страдање

Министерот за надворешни работи Бујар Османи кој денеска е во својата прва посета на Украина во улога на претседавач со ОБСЕ, утринава по пристигнувањето во земјата се упати во градот Бородјанка во Киевската Област кој е силно погоден од воените дејствија.

Движејќи се меѓу урнатините и уништените станбени згради, Османи од украинскиот град уште еднаш ја осуди руската инвазија на Украина додавајќи дека не постои оправдување за континуираниот напад на училишта, болници и цивилни цели, поради кои, како што рече, страдаат невини жртви, а илјадници Украинци мораа да ги напуштат своите домови.

„Ништо не може да оправда убивање цивили, попречување на транспорт на вода и храна, отежнување на работата на хуманитарните конвои. Ништо не може да оправда кога деца и бремени жени се оставени без греење, со недоволно храна. Потребна е итна акција за да се стави крај на ова безумие и да се обезбеди помош за оние на кои им е потребна. Мораме да работиме да престане страдањето, а потоа да ги обновиме овие уништени области“,истакна Османи за време на посетата на Бородјанка.

Тој додаде дека претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ ќе ги искористи сите механизми и алатки за да помогне во напорите да се стави крај на, како што рече, ова страдање и уништување.

„Сите ние што ѝ даваме поддршка на Украина сме на вистинската страна на историјата, на вистинската страна на хуманоста, на почитувањето на правото на живот“,истакна Османи.

За време на посетата на Бородјанка, Османи уште еднаш нагласи дека Северна Македонија како земја претседавач со ОБСЕ ќе се залага да најде начин повторно да ја врати Организацијата во Украина, а како што додаде, комуникацијата со Русија ќе зависи од тоа како ќе се постави во однос принципите и заложбите на Организацијата, за што, како што кажа, тој како претседавач на ОБСЕ нема да дозволи никакви компромиси.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска пристигна во Киев каде што во улога на претседавач со ОБСЕ ја започна својата посета на Украина, која, како што изјави пред две недели, ќе доминира со претседавањето на Северна Македонија со Организацијата. Во рамките на посетата на Украина предвидени се низа средби со високи претставници на државната власт на земјата.

Украина е првата дестинација што Османи најави дека ќе ја посети како претседавач на ОБСЕ откако минатата недела во Виена ги презентира приоритетите на нашето претседавање со Организацијата.

Инаку, ова е втора работна посета на Османи на Украина. Тој ја посети земјата во мај минатата година, при што оствари средба со својот украински колега Дмитро Кулеба и други високи државни претставници на Украина.

Total
0
Shares
Поврзани објави