Османи: Предлогот е историска можност за решавање на прашањето за македонскиот јазик

За прв пат во нашата историја 27-те земји членки го потврдуваат македонскиот јазик без фусноти и затоа овој момент е историска можност да се реши прашањето со македонскиот јазик, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Во гостување на емисијата „Студио 10“ на Телевизија 24, министерот за надворешни работи Бујар Османи порача дека во јавноста се направил „спин“ од неговата изјава на брифингот во саботата кога одговарајќи на новинарски прашања, говореше за можните последици кои би се случиле доколку предлогот не биде прифатен. Тој вели дека неговиот коментар за меѓуетнички проблеми е изваден од контекст и вели дека тој не прави разлика помеѓу македонски и албански прашања.

„Конструкција е тоа дека ќе има меѓуетнички конфликт. Никогаш не сум кажал дека ќе има меѓуетнички конфликт, тоа е спин. Јас не правам разлика помеѓу албански и македонски прашања. Има семејства на кои им е недостоинствено да земат бугарски пасош, но мора да земат за да ги школуваат децата. Ако ние им ја земеме надежта дека нашиот пасош нема да биде европски, младите ќе почнат да бегаат, ќе почне да се губи хармонија меѓу населението.“ изјави министерот Османи.

На прашање за преговарачката рамка и гаранциите за македонскиот јазик, Османи вели дека овој предлог е добар и не смееме да го пропуштиме бидејќи во него се содржат сите пет барања на македонската страна а со него македонскиот јазик без фусноти, ќе стане дел од официјалните документи на Европската Унија.

„Имаме историски момент да се реши прашањето со македонскиот јазик, тешко е да имаме подобра шанса или предлог кој ќе го засега јазикот, затоа велам дека сега е историски момент. За прв пат во нашата историја 27-те земји членки го потврдуваат македонскиот јазик без фусноти“ , вели Османи.

На прашање за ревизија на учебниците, министерот одговори дека препораките за усогласување на материјалите доаѓаат од комисијата за историски прашања, што потоа поминува низ циклуси за одобрување со што стануваат дел од образовните процеси.

„Ако комисијата за историја даде препораки во иднина за било која личност, за учебници ако има препорака усогласена прифатена од наши 7 членови, одлуките се носат со потврда од сите седум членови. 7-те наши историчари треба да кажат да, за тоа потоа да оди на потврда во двете министерства. По тоа, следуваат циклуси на одобрување и тие ќе станат дел од образовните процеси. Бугарија нема право да ни ги ревидира учебниците“, истакна Османи.

Во однос на внесувањето на Бугарите во Уставот, Османи смета дека за ова прашање ќе го има потребното 2/3 мнозинство и кажа дека очекува предлогот да помине со 118 гласови во Собранието.

Кога станува збор за дијалогот со Софија, пак, Османи кажа дека комуникацијата помеѓу Скопје и Софија е секојдневна и истакна дека утринава разговарал со своите бугарски колеги и дека дека утринава разговарал со својата бугарска колешка и дека консултациите за усогласување на протоколот ќе продолжат и во текот на денот.

Total
0
Shares
Поврзани објави
Повеќе

Нема пасош за Камчев

Бизнисменот Орце Камчев нема да добие нов времен пасош, иако за него понуди гаранција од 2 милиони евра.…