Петстотини луѓе го искачија врвот Клепа во чест на трагично загинатите Александар и Калина

Околу 500 учесници беа дел од петтото зимско искачување на врвот Клепа (1.150 м.н.в.), што, според организаторот, е најмасовен ваков настан во земјава. Освен од Македонија, годинава имало учесници и од Србија и Бугарија.

Искачувањето е во чест на трагично починатите планинари Александар Миновски и Калина Велевска, кои на 10 февруари 2018 го загубија животот на грчката страна на Кајмакчалан, а само една седмица претходно биле дел од турата на Клепа. Тоа е највисокиот врв на средно-високата планина во средишниот дел на Македонија, јужно од Велес.

Должината на патеката е 18 километри, се тргна од селото Сирково, а крајната точка беше манастирот „Св. Архангел Михаил“ во Долно Чичево, каде што сите учесници беа послужени со ручек приготвен од АРМ.

Претходните денови, во шумата посветена на Александар и Калина биле засадени илјада садници багрем и аризонски чемпрес, дел од нив донација на ЈП „Македонски шуми“. Бидејќи поголем дел од садниците кои изминатите години биле засадени се оштетени од говедата кои таму пасат, шумата сега е заштитена со ограда.

Организатор на настанот е СПЕД „Клепа Росоман“ од Росоман, заедно со ЕГ „Грин пауер“ и КПС „Азот“, а финансиски е помогнат од општините Росоман и Градско.

Total
0
Shares
Поврзани објави