Пријава за сомнителен воздухоплов во низок лет кај скопскиот аеродром

Полициски екипи го обезбедуваат атарот на селото Бујковци каде очевидци велат дека виделе бело летало кое многу ниско се движело над нивите и претпоставувале дека воздухопловот паднал.

На нашата новинарска екипа не и беше дозволен пристап до местото кое го обезбедува полицијата и врши увид.

Се работи за летало кое не е пријавено во Агенцијата за цивилна и воздушна пловидба.

Според првичните информации, жителите тврделе дека се работи за беспилотно летало дрон.

Во моментот на пријавување на инцидентот, според информациите на Телма, немало ниту еден пријавен воздухоплов во воздух на територија на цела Македонија.  Исто така немало пријавени информации за дронови, особено поради тоа што во реонот околу аеродромот е забрането летање со беспилотни дронови.

Сите авиони од редовните авио линии се слетани на аеродромот Скопје без никаков проблем, кажаа од АЦВ за Телма. Поради реновирање на пистата, поголем дел од слетувањата се одвиваат во доцните попладневни и ноќни часови.

Веста за наводен пад на воздухоплов ја пријавиле локалните жители на селото Бујковци, а пријавата ја упатиле до МВР, додека слични јавувања имало и во Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Извори од МВР потврдија дека по пријавата постапиле и нивни претставници го проверувале атарот но не нашле ништо.

Поради дождот, облаците и веќе спуштената ноќ не е возможна воздушна проверка на теренот со хеликоптери.

По двочасовна проверка, полицијата се повлече од местото на блокадата. Засега нема официјално известување што е откриено и за што станува збор.

telma.mk

Total
0
Shares
Поврзани објави