Протест на ЈСП пред Влада

Раководството на ЈСП денеска со неколку автобуси ја блокира улицата пред Владата, поради неисплата на долгот од околу два милиони евра, додека вработените протестираа во кругот на претпријатието, поради неисплатата на заостаната плата.

Секретарот на Град Скопје Зоран Глигоров, рече дека скопјани заслужуваат јавен превоз и ќе го добијат, без разлика на проблемите со кои што се соочуваат и без разлика на притисокот што се прави, како од МОН кој не ги исплаќа своите обврски од 120 милиони денари, така и од општините кои имаат долг од околу 40 милиони денари кон ЈСП. Долгот од МОН е за субвенции за вршење линиски превоз за студенти и ученици во средно.

–  Вработените во ЈСП заслужуваат плати и истите ќе ги добијат. Градот Скопје стои во целост зад нив. Овој притисок што се врши со неплаќање го доведува ЈСП во последните два месеци од функционирање во тековната година да има потешкотии, кои ќе се надминат. Платата не се доцни, се доцни два до три дена моментално и  ќе биде реализирана согласно законските обврски, изјави Глигоров.

ЈСП, посочи Глигоров, има наследен долг од над 300 милиони денари и долг кон приватните превозници од над 90 милиони денари, но сепак, како што рече, успешно ги сервисира сите свои обврски.

Глигоров, исто така, изрази уверување граѓаните дека ќе го добијат превоз,тој  нема да биде прекинат и ЈСП ќе функционира во континуитет.

Александар Стојковски, в.д. директор на ЈСП, изрази уверување дека проблемот со платата ќе се надмине.

–  Плата вработените ќе добијат. Дека ние преговараме и кажуваме дека Владата ни должи, а нивните одговори дека не постои никаков долг, искрено кажано и за време на пандемијата ЈСП ги добивало тие средства и одеднаш зошто се прекинуваат, искрено и ние ги бараме тие одговори, изјави Стојковски.

Прашан, што доколку Владата не ги исплати овие средства, Стојковски рече дека ќе продолжат со радикализација и блокади.

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска вчера оцени дека станува збор за сериозен долг и најави дека автобусите на ЈСП „од утре ќе бидат пред Владата и останатите институции, се додека не бидат подмирени долговите кон ова јавно претпријатие“.Раководството на репрезентативните синдикати на ЈСП вчера најавија дека ќе штрајкуваат се додека не се реализира ветеното, но вработените нема да ја прекинуваат работата.

Од Владата пак, ги отфрлија обвинувањата за каков било долг кон Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“.

Поради дојава за бомба, јавниот автобуски превоз утринава беше во прекин.

Total
0
Shares
Поврзани објави