Проф. Трајковски – Ковидот не е завршен, треба да се чуваме од повторени инфекции кои може да бидат фатални

Прогнозите од петокот се остваруваат, дневните броеви на нови случаи започнуваат да растат.

Околу ова прашање не останува многу простор за дискусија, односно шпекулирање (како што велат нашите здравствени власти), бидејќи сите индикатори покажуваат во една насока – нагоре, пишува проф. Дејан Трајковски во најновата анализа.

„На првиот дијаграм седумдневната подвижна средина решително завртува нагоре. Веќе можеме да го лоцираме датумот на долот на бранот, односно почетокот на новиот бран, а тоа е викендот пред Духовден, 10-12 јуни.

Дури и задоцнетите индикатори, 7-дневната и 14-дневната подвижна средина (на втората слика) покажуваат почеток на нов тренд.

Убаво се гледа дека 7-дневната (брзата) подвижна средина ја пресече оддолу нагоре 14-дневната (бавната) подвижна средина, што обично рано индицира промена на трендот.

Како и да земеме, на пример и преку бројот на активните случаи (фазниот портрет I-T, активни наспроти вкупно случаи, на третата слика), повторно гледаме рана промена на трендот.

Слично стојат работите и со стапката на позитивни тестови, што денеска експлозивно порасна на 12,4% (на четвртиот дијаграм), повлекувајќи ја со себе нагоре и 7-дневната подвижна средина (црвената линија на истиот дијаграм).

Избивањето на ефективниот репродукциски број Rt над единица, тој најран индикатор којшто ни покажа дека нешто се случува уште минатата недела, повеќе и не е нова вест (на петтиот дијаграм).

Вака започнуваат сите бранови – најпрво со ползење, па со одење, за да завршат со галопирање – токму како инфлацијата.

Моментално преминуваме од ползење во одење, но знаеме дека тоа е само почеток. Сепак, споредувајќи со Португалија, каде врвот на бранот помина, не би требало да надминеме 1.000 нови случаи на ден, иако тоа не се знае, бидејќи засега нема услов за задолжително тестирање при излез од државата.

Да видиме сега една загрижувачка новост. Досега обично сметавме дека сите коишто прележале се заштитени од тешка форма на болеста при повторено заразување (реинфекција).

Меѓутоа, едно ново научно истражување, чии резултати чекаат рецензија во научно списание (researchsquare.com, прераскажано тука: erictopol.substack.com) креваат црвено знаме за тревога.

Сосема накратко, резултатите покажуваат дека реинфекциите, споредено со првата инфекција, кумулативно додаваат ризици за морталитет од разни причини, како и за хоспитализација и несакани здравствени состојби во пулмонарниот, но и во некои непулмонарни органски системи (кардиоваскуларни нарушувања, коагулациски и хематолошки нарушувања, дијабетес, замор, гастроинтестинални, бубрежни, ментални, мускулоскелетни и невролошки нарушувања).

Ризиците биле евидентни кај невакцинираните, но и вакцинираните пред втората инфекција. Во споредба со неинфицираната, контролна група, се покажало дека ризиците растеле со бројот на повторени инфекции – доказ за кумулативниот ефект.

Најпросто кажано, сите треба да се чуваме од повторени ковид инфекции, затоа што реинфекциите кумулативно додаваат нетривијални ризици по здравјето. Тие, коишто се веселат во пренатрупани кафулиња, би требало да имаат на ум дека повторена инфекција кај нивните родители, баби или дедовци може да биде фатална.

Опасноста не поминала засекогаш, туку со секое прележување потенцијално им го влошуваме здравјето, како и прогнозите за понатаму. Како што гледаме, Кинезите биле сосема во право со нивната нула-ковид доктрина, особено додека болеста не биде детално проучена и не биде пронајден лек.

Така барем велат бројките коишто ги собрале и анализирале вредните странски научници, а бројките – ако правилно се толкуваат – се обично во право,“ пишува Трајковски на Фејсбук.

Total
0
Shares
Поврзани објави