Ребека: Родители со петиција го исфрлија моето дете од градинка

Се уморивме од зборувања, укажувања, пишувања молби, собирање потписи, создавање кадар, обуки, реставрирање и што уште не, како поддршка на системот, но се се прави површно и без желба нештата да бидат реално подобри за оваа категорија.

Се се прави популистички и за гласови повеќе, зa политички поени и за билдање на егото и личното СV. Се носат закони на брзина, се воведуваат нови стандарди наопаку и без анализа. А сите знаеме дека така не се работи и повторно затоа што така им одговара.

Нема направено статистика, мапирање, нема услови за инклузија… Ветувања без образ и чест! Самокритичноста, срамот и одговорноста одамна заминаа од нашата Македонија- за ,,Фокус” раскажува Ребека Јанковска, популарна поп пејачка и мајка чиј син Маркијан е дете со попреченост во развојот, и која во годините наназад е сведок на низа на ситуации со кои се соочуваат овие лица и нивните семејства.

По случајот со малата Ембра од Гостивар, девојче со Даунов синдром против кое се кренаа родители на нејзини соученици и не ја сакаат со нивните деца во иста училница, Ребека се сеќава на сличен трауматичен настан, со кој беше соочено нејзиното семејство, и тогаш четири-годишниот син, во време кога тргнал во градинка.

-Маркијан го помина сето ова во градинка, кога немаше полни четири години. Со петиција на родители беше одлучено да се исфрли од градинка. Реагиравме јавно, до институции, до Народен правобранител, ама тоа се заврши така, што ја променивме градинката, но се си остана така, жалната наша реалност…
За жал, кога овие дечиња ќе викаат, ќе направат некој инцидент, ќе скубнат некое детенце, секогаш се удвојува проблемот, а кога истото го прават деца со типичен развој, се става сето тоа на страна, не се ни реагира.

Тој булинг што се случува по школите, и покрај се, останува.
Не можеме да го обвиниме само кадарот, проблемот лежи на повисоко ниво. Инклузијата се спроведува наопаку, најпрвин треба стандарди, услови и алатки за работа, пристапни рампи, ресурсни училници, средени тоалети, обучен кадар, тимови кои ќе си ја работат работата со желба.

Да си направиме систем кој ќе одговара на нашиот менталитет. Она што се воведе како целосно инклузивно образование сметам дека не е во ред, мора да постојат и специјални училишта, затоа што некои деца за жал не можеме да ги инклузираме, можеби подоцна во животот, да, но некои првин мора да започнат во специјални училишта.

Проблемот лежи и во начинот на кој екс министерката Мила Царовска ги избра оние 500 асистенти, околу стотина се откажаа, голем дел од нив не се развојни едукатори или педагози кои имале искуство со деца со попреченост, конкретно со по пет дена теорија, немаат обука на терен што е голем пропуст, и има случки кога на сред процес да се откажува асистентот, па детето и семејството да страдаат.
Родители губат работа, децата се во шок, се бара нов асистент, тоа оди во недоглед… Затоа што работите се поставуваат паушално, површно, само за популизам- вели Јанковска.

Додава дека многу пати се актуелизираат сите овие теми, но разочарувачки е што ништо не се придвижува напред со години наназад.

извор: Fokus.mk

Total
0
Shares
Поврзани објави