Русковска: Зборував со сопственикот на превозната фирма, тој е тука на местото на несреќата

Главниот јавен обвинител Љубомир Јовески, заедно со шефицата на Одделот за организиран криминал се на  местото на сообраќајната несреќа во Бугарија со цел да им помогнат на бугарските истражители и да обезбедат потребни документи од земјава.

– Станува збор за голема трагедија, особено кога се загинати 12 деца. Јас сум задоволен од досегашната соработка со Обвинителството во Бугарија. Долги години имаме професионална соработка и верувам дека професионално ќе ги разјаснат сите околности во овој настан. Ние ќе дадеме помош во делот на обезбедување документација, идентификување на настраданите и се она што е потребно во истражувањето, кажа Јовески.

Одговарајќи на новинарските прашања, бугарските обвинители истакнаа дека работат на сите верзии, а во моментов се земаат изјави од сведоци кои се нашле на местото на настанот. Бугарскиот обвинител додаде дека имало и втор возач, но се претпоставува дека и тој е загинат.

Тие открија дека во Северна Македонија нема да се спроведува дополнителна истрага, а сите експерти ќе бидат обезбедени од бугарска страна. Од друга страна шефицата на Одделот за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска рече дека сопственикот на превозната фирма се наоѓа на местото на настанот.

-Тука се наоѓа и сопственикот на превозната фирма, кажа дека 20 години има транспортна фирма и до сега немале никаков инцидент. Но, ќе ја обезбедиме целокупната документација за сите автобуси, односно кога се регистрирани и кога биле на технички преглед и ќе ги препратиме до бугарските колеги, истакна Русковска.

-Документите за сопственоста на автобусот се обезбедени и ние ќе ги предадеме на бугарските колеги, дополни Јовески.

Total
0
Shares
Поврзани објави