Сашо Мијалков денеска не беше спроведен на судење од затворот во Струга, делото ќе застари за повеќе од четири месеци

Поранешниот шеф на тајната служба, Сашо Мијалков денеска не беше спроведен на судење од затворот во Струга, со што се доведува во прашање епилогот на судењето за случајот „Титаник 2“, за злоупотреби и влијанија во Државната изборна комисија. Во предметот се обвинети и лидерот на ДПА, Мендух Тачи и поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев. Но, делото за кое се гони Мијалков –  „примање награда за противзаконито влијание“, а поради учество во изборни нерегуларности на изборите во 2013 година, ќе застари за повеќе од четири месеци. 

Судот има повратна информација од затворот во Струга дека таму стасала судската покана за Мијалков, кој ја издржува тригодишната затворска казна по признанието на вина во предметот „Империја“. Од затворот, пак, тврдат дека Кривичниот суд направил техничка грешка и наместо за денеска, наредбата за спровод на Сашо Мијалков била за 12 декември. Министерството за правда најавува дека Управата за извршување на санкции ќе ги преземе сите активности кои се во нејзина надлежност и ќе направи вонреден надзор во установата за утврдување на фактичката состојба. Ќе се утврдува одговорност и ќе бидат санкционирани сите кои направиле пропусти, намерни или ненамерни.

Денешното рочиште беше одложено со образложение дека Мијалков, не е спроведен од затворот во Струга. Наредба за спровод била уредно испратена до Кривичниот суд, но и уредно примена од страна на Управата на затворот. Сепак, кога судиите прашале зошто Мијалков не е спроведен, добиле одговор дека не добиле наредба.

Директорот на затворот во Струга, Ваљон Ќуља, во изјава за медиумите вели дека станува збор за техничка грешка од страна на Кривичниот суд. „Најпрвин примивме наредба за спроведување на осудениот Сашо Мијалков на 28 ноември, за одредено рочиште на 12 декември. По оваа наредба постапивме и го испративме Мијалков на рочиште. Оваа судско рочиште е одложено и потоа на 14 декември пристигна ново барање од Кривичниот суд за него, но и во ова барање датумот на судското рочиште е истото од претходното барање, значи 12 декември“, вели тој.

На 8 март 2019 година Кривичниот суд го осуди поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, на три години затвор. Според обвинението на СЈО, Мијалков нарачал преку лидерот на ДПА, Мендух Тачи, да му наложи на сопартиецот од ДИК, Бедредин Ибраими да гласа за поништување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица. Во декември 2019 година Апелациониот суд ја укина пресудата поради суштествени повреди на постапката и случајот го врати на повторно судење.

Total
0
Shares
Поврзани објави
Повеќе

Заев во судница за “Монструм”: Можно е да сум рекол дека јавно ќе ги објавам материјалите, а после тоа не се случило…се предадов на СЈО

Зоран Заев денеска во судница даде исказ за случајот Монструм. Според неговото кажување имало транскрипти од раговори во…