Светските медиуми за оставката на Заев

Премиерот на Северна Македонија Зоран Заев во неделата поднесе оставка откако неговата партија загуби во вториот круг од изборите за градоначалник во неколку градови во земјата, вклучително и во главниот град Скопје, јави новинската агенција Ројтерс, која ја пренесува неговата изјава дека ја презема одговорноста за овие случувања.

Заев поднесува оставка од местото премиер и претседател на СДСМ

Ројтерс додава дека Заев останува на ставот дека е против предвремени избори, наведувајќи дека, според законот, коалицијата може да договори друг кандидат за премиер и да формира влада без ново гласање. Ројтерс ја пренесува објавата на Твитер на Флоријан Бибер, експерт за Балканот од Универзитетот во Грац, кој напиша дека поразот на партијата на Заев на изборите за градоначалник „делумно бил самонанесен (лоша кампања, стагнирачки реформи) и поради неуспехот да се достигне до ЕУ. „Нема јасен наследник и дали новиот премиер ќе има моментум за повторно да започне сериозни реформи?“, напиша Бибер.

СДСМ поразена, Заев поднесе оставка

Новинската агенција Франс прес пак, наведува дека шокaнтната објава на премиерот на Северна Македонија Зоран Заев дека поднесува оставка по лошите резултати на неговата партија на општинските избори уследи по неколкумесечната намалена популарност на премиерот додека се бореше да ја одржи економијата на земјата на вистинскиот пат среде спротивставените ветрови на пандемијата и заглавените разговори за можното пристапување во Европската унија. „Донесов слобода и демократија, а демократијата значи преземање одговорност“, ја цитира Франс прес изјавата на Заев кој, како што наведува, понуди неколку детали или временска рамка за тоа кога ќе поднесе оставка — потег што мора да биде одобрен од парламентот. Заев рече дека се противи и на нов круг избори по неговата оставка.

Мицкоски – Најдобро би било власта да си замине на предвремени парламентарни избори

Франс прес ја цитира и изјавата на Христијан Мицкоски лидерот на главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, која постигна големи победи на изборите викендов, вклучително и во главниот град Скопје: „Власта е делегитимирана и тоа е новата реалност што со текот на времето ќе се манифестира во парламентот. Сепак, најдобро е тоа да се случи преку предвремени парламентарни избори“. Германската новинска агенција ДПА во веста за оставката на Заев наведува дека тој важи за прозападен реформатор и оти оставката ја ветил доколку неговата партија има слаби резултати во главниот град Скопје. Според ДПА, лошите резултати на партијата може да влијаат и врз несигурната коалиција на Заев, предупредуваат набљудувачите. Заедно со Демократската унија за интеграции (ДУИ) која ја претставува етничката албанска заедница, СДСМ на Заев има само 62 од 120 места во парламентот.

извор: slobodnaevropa.mk

Total
0
Shares
Поврзани објави
Повеќе

Горивата поскапуваат

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на…