Се враќаат концесионерите на охридските плажи

Шанковите, потпорните ѕидови и објектите кои минатата локална власт ги урна на охридските плажи, за новиот градоначалник Пецаков не се дивоградби туку само проекти кои биле лошо изменаџирани од локалната самоуправа. Пецаков смета и дека досега воопшто и немало акција на уривање на дивоградбите во Охрид.

И покрај препораките на УНЕСКО плажите да останат слободни и да не бидат концесионирани, градоначалникот најавува дека тие сепак ќе се најдат на јавно наддавање за од идното лето да можат да работат за туристите.

На изјавата на Пецаков реагираат од СДСМ.

„Градоначалникот Кирил Пецаков по се изгледа сака да го врати Охрид во минатото кога 11 години владееше неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, а во градов дивееше тотален урбанистички хаос. Нема ниту еден месец од неговото назначување, а тој веќе најавува поништување на сите заложби на минатата локална самоуправа и градоначалникот Константин Георгиески и нивната посветеноста за исполнувањето на препораките и почитувањето на законите поради кои Охрид го зачува статусот на заштитен град под УНЕСКО. Пецаков заедно со криминалното ВМРО-ДПМНЕ има намера повторно да го издава најатрактивниот и најзаштитениот дел од крајбрежјето на нашето Охридско Езеро”- велат од СДСМ.

Инаку од вкупно 1.076 дивоградби во Охрид, 409 се лоцирани во заштитен појас, односно на крајбрежјето на Охридското Езеро, во потегот на Националниот парк „Галичица” и во стариот дел на градот. 

Во рамки на оваа вкупна бројка, 82 предмети се однесуваат на урбана опрема, 16 се за времени објекти, 8 за плажи, 80 за куќи, апартмани и сместувачки капацитети, а останатите предмети се за помали интервенции и градежни зафати на објекти, покажа посебниот Регистар на нелегалните градби што го изработи општина Охрид за нејзината територија пред две години согласно препораките кои беа нотирани од Комитетот за светско наследство на УНЕСКО.

извор: 24.мк

Total
0
Shares
Поврзани објави