Соселанецот на Али Ахмети нов шеф на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција

За Ислам Абази нема никакви податоци на сајтот на Вишото јавно обвинителство Гостивар коешто го водеше до денеска. Стои дека е раководител на Обвинителството и нема други детали.

Станува збор за обвинител родум од Зајас, родното место на Али Ахмети, лидерот на ДУИ. Според првичните информации Абази победил со 66 обвинителски гласови и сега е избран да го води Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

За Абази нема ниту фотографија на веб сајтот ниту по интернет. Мистериозниот обвинител не се појави ниту на единственото соочување на 4-цата кандидати кои се бореа за местото-шеф на обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, ниту пак даваше изјави за медиумите. Никој не слушна на кој начин ќе се бори против организиран криминал и корупција.

Иако мистериозен и без јавен план за борба против организираниот криминал, на обвинителите во државата тоа воопшто не им пречеше, се построија и си гласаа за Абази. Повеќе од 40 % од активните 163-ца обвинители одлучија да го изберат Абази за функцијата. Абази е прв обвинител за организиран криминал кој е избран од колегите на директно гласање по новите законски одредби.

Го победи заменик-раководителот на скопското обвинителство Ермон Незири којшто доби само два гласа помалку односно 64 гласа. Останатите кандидатите, двете обвинителки Вилма Русковска добила 14 гласови и Деса Пауновска освоија помалку од преостанатите 33-ца.

По инагурацијата на Абази, покрај кабинетот на суспендираната Вилма Русковска, Абази ќе мора да ги работи и нејзините предмети кои и беа одземени, едниот за финансиска полиција и поранешниот шеф Арафат Муареми и вториот за Беса транс и техничкиот преглед на кобниот автобус кој поради грешка во МВР изгоре сосе патниците.

Иако многумина обвинители гласале за него, неколкуте обвинители кои ги контактиравме не знаеја многу за победникот Ислам Абази. Никој не знаеше кога е избран во Вишото јавно обвинителство.

Според сознанијата на Телма, Абази работел во Агенцијата за цивилно воздухопловство во Скопје како правник. Станал стручен соработник во кичевскиот суд. Потоа бил избран за обвинител во Основното јавно обвинителство во Кичево, по една година експресно бил избран за обвинител во Вишо јавно обвинителство-Гостивар.

Брзата кариера, обвинителот од Зајас дополнително ја засилува во 2018-та кога е избран за раководител на Вишото гостиварско обвинителство.

Во мандатот на раководител според имотните листови може да се види дека во 2019-та (една година по изборот за шеф на гостиварско Вишо обвинителство) Абази се преселил од Зајас во Кичево бидејќи за 60 илјади евра купил стан од 105 квадрати. Неговата сопруга се подновила со ситроен во истиот период, а тој лично голфот си го сменил за ауди.

Абази е спомнат во едно истражување на ИРЛ, тој му дал максимална оценка на гостиварскиот обвинител Арсим Адеми за кандидатурата на претпоследниот избор за  обвинител за организиран криминал. Адеми беше обвинителот кој се спогоди со Зоран Милески Кичеец и му додели 6 месеци затвор за тешка сообраќајна несреќа со еден загинат и 7 тешко повредени. И покрај жалбите на сопругата на загинатиот којашто обвинителот Адеми ја изоставил од кривичен прогон на Кичеец, Абази му додели оценка со максимален број на поени.

Истотака Абази на сите претставки од ДКСК за истиот обвинител одговори негативно и оценуваше дека и покрај се Адеми ги извршувал етички и професионално своите обвинителски должности. Дали сега повторно ќе го поддржи контроверзниот колега, останува да се види.

Но сигурно се знае друго дека иако Ислам Абази ќе замине од гостиварското обвинителско подрачје, во истиот реон ќе дојде неговата сопруга која сега е при крај со учењето на Академијата за судии и обвинители за да стане обвинител.

Доколку не го избереа за шеф на Обвинителство за гонење организиран криминал, ќе требаше или тој или сопругата (кандидатка на Академијата за судии и обвинители) да се селат надвор од територијата на гостиварското апелационо подрачје. Законот не дозволува двајца обвинители од исто семејство или во брак да бидат обвинители во исто подрачје.

Но сепак анонимниот и мистериозен обвинител од Зајас (родното место на лидерот на владината ДУИ) успеа од темнината и без да се појави и да каже некаков план за својата борбата против организираниот криминал и корупција, да ги убеди најголем дел од обвинителите. Дека иако немал многу искуство на тоа поле, сепак е најдобар кандидат за борба против криминалот на функционерите, не само од партијата на неговиот близок сосед од ДУИ, туку и од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, БЕСА, Алтернатива и така натаму.

извор: Телма.мк

Total
0
Shares
Поврзани објави