Спасовски – Мицкоски имаше обезбедување од МВР , но нема закана по неговиот живот

По инцидентите на протестите против францускиот предлог за кревање на бугарското вето во Скопје, расте притисокот за одговорност. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска порача дека не може да се бара оставки и одговорност од некој којшто спречил инциденти во главниот град.  

Полицијата е таа која спречи инцидент, вели Спасовски во врска со синоќешните инциденти кога едно лице впери пиштол, а други фрлаа со предмети кон граѓаните што протестираа. Спасовски презентираше видео-снимки и фотографија на која се гледа дека полицијата реагирала на лице место и спречила посериозен инцидент. 

„Секој еден граѓанин мора да знае дека протестите мора да бидат мирни“, вели министерот. „Никому не му е дозволено да вади огнено оружје и да загрозува безбедност на ниту еден граѓанин во државата“. Тој апелираше за мирни протести.  

Одговорност ќе се бара од учесниците на протестот кои што насилно се однесуваа и направија штета на државните институции. Протестите во Скопје изминатите два дена излегоа од контрола – најпрво со инциденти коишто се случија пред Собранието во вторникот кога беа повредени 47 полицајци, а првично 11 лица беа приведени. Полицијата информираше дека се уапсени уште четири лица, со што вкупната бројка е 15 приведени. Тројца од нив се малолетници. Сите се уапсени во врска со извршено кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело”.  

Против 12 лица е поднесена кривична пријава во брза постапка. Тие веќе се изведени пред судија на претходна постапка на едне му е изречен притвор, а седуммина се во куќен притвор. При инцидентите во вторникот беа оштетени и зградата на Собранието, зградата на Владата, Министерството за надворешни работи, две полициски куќарки, полициско возило и полициска опрема. 

По тврдењето на Микоски дека некој сакал да го убие и добивал закани , министерот Спасовски вели дека досега немале пријава во ниту една полициска станица за закани против Христијан Мицкоски.  

„Имаше моменти во некој период претходно во кој и самиот побара да се направи проценка во делот на безбедноста. Му беше доделено обезбедување и кога тоа заврши таквата потреба – нема. Во секој момент може да пријави ако има безбедносна закана. Нема информација во овој момент дека некој сака да посегне по животот на кој било“, вели Спасовски.  

Total
0
Shares
Поврзани објави
Повеќе

ЦУК: Зголемен број повици на 112 во последното деноноќие – вкупно 2.145 повици, пет пожари на отворено, а во првите петнаесетина минути од првиот ден годинава пожарникарите имале гаснење пожар со спасување неподвижно лице

Во Центарот за управување со кризи (ЦУК) имало вкупно 2.145 повици на Единствениот број за итни случаи 112…