Судот го одби барањето на австралиската влада за одложување на сослушувањето на Ѓоковиќ

Австралиската влада побара одложување на рочиштето на Ѓоковиќ, на што адвокатите на српскиот тенисер поднесоа жалба, по што судот го одби ваквото барање

Како сензација во австралиските медиуми беше оценето барањето на министерката за внатрешни работи на Австралија, Карен Ендрјус, за дополнително време да се подготви за сослушувањето на Новак Ѓоковиќ во случајот со одбивањето виза на најдобриот тенисер во светот.

„Хералд сан“ тврди дека има информации дека Ендрјус го поднела барањето во саботата во доцните попладневни часови по локално време. Како што се наведува, таа побарала рочиштето наместо за понеделник да се одложи за среда (пет дена до почетокот на Австралија опен), но на тоа барање се пожалиле адвокатите на Ѓоковиќ.

Судијата што го води овој предмет го одбил барањето за одложување на рочиштето.

Адвокатот на Ѓоковиќ, Џастин Квил, рече дека потегот на Ендрјус очигледно е само „за предизвикување дополнителна врева“, бидејќи властите очекуваат пораз во спорот.

„Очигледно, тие сега мислат дека тоа е многу повеќе од она што го мислеа на почетокот. Сега на министерството е да одговори и да ги достави своите писмени докази“,

рече тој.

Медиумите објаснуваат дека министерката била принудена да побара одложување откако адвокатскиот тим на Ѓоковиќ во саботата вечерта поднел нов правен поднесок до судот. Адвокатите на Новак тврдат дека тој ги исполнил сите услови пропишани со државните документи за влез во земјата без карантин, но дека државата не го водела целиот процес како што треба.

Рочиштето е закажано на полноќ по македонско време.

Најдобриот светски тенисер доби медицинско изземање од вакцинирањето против ковид-19 за да може да игра на турнирот. Сепак, по доаѓањето во Мелбурн во средата, визата му беше одбиена поради процедурална грешка и тој оттогаш престојува во имиграциски притвор во хотел и утре се соочува со депортација.

Total
0
Shares
Поврзани објави