Судскиот совет донесе одлука работна група да биде испратена во Апелациониот суд во Скопје за да ја провери постапката околу предметот Таргет- тврдина. Советот може да провери детали околу времетрањето на постапката но не и да се меша во одлуката. Ќе се проверува, како што беше истакнато на денешната итна седница, дали по предметот постапувал судија кој исполнил услови за пензија.
Советот одржа итна седница по објавата и реакциите на јавноста дека предметот се држел во фиока две години за сега да се врати на повторно судење и да се створат услови за негово застарување.
Во „Таргет-Тврдина“ одлучуваше петчлен совет од Апелација на чело со Јани Нича. Судија известител беше Енвер Беџети, а останатите тројца членови беа: Ѓоко Ристов, Тања Милева и Лидија Чачева.
По една година и речиси десет месеци од пресудата на Кривичен, а по околу девет месеци од одржана јавна седница за жалбите во Апелација, петчлениот совет конечно одлучи и во петокот објавија дека ја укинуваат пресудата затоа што констатирале дека првостепениот суд при постапувањето во „Таргет-Тврдина“ сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка кои се од апсолутен карактер, а на кои овој суд внимава по службена должност.
„Таргет-Тврдина“ е главен предмет од аферата за масовното нелегално прислушување, а со првостепената пресуда ексшефот на УБК, Сашо Мијалков беше осуден на 12 години затвор, а на затворска казна од четири години беше осудена поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.