Три лица се убиени и неколку се тешко ранети во оружен напад во трговски центар во Копенхаген

Осомничениот е 22-годишен Данец кој не давал отпор при апсењето и ѝ е познат на полицијата „но само површно“, изјави главниот инспектор Сорен Томасен на прес-конференција, додавајќи дека не може да ги потврди пишувањата на сцијалните мрежи дека мотивот е расизам

Инспекторите изјавија дека не ја исклучуваат можноста за „тероризам“, но претпоставуваа дека напаѓачот дејствувал сам

Три лица се убиени вчера во оружен напад во трговски центар во Копенхаген, соопшти данската полиција. Неколку лица се ранети, а тројца од нив се во критична состојба.

Осомничениот е 22-годишен Данец кој не давал отпор при апсењето и ѝ е познат на полицијата „но само површно“, изјави главниот инспектор Сорен Томасен на прес-конференција. Мотивот на осомничениот, кој полицијата го опишува како „етнички Данец“, се уште не е целосно јасен.

„Тоа не е некој што многу добро го познаваме“, рече Томасен.

Убиени се маж на возраст од четириесет години и две млади лица чии години не се откриени.

„На социјалните мрежи може да се прочита дека се работи за расистички и друг мотив, но не можам да кажам дека во моментов имаме што да го потврдиме тоа“, додаде тој.

Сепак, полицијата потврди дека ги прегледува видеата објавени на интернет на кои осомничениот вперува пиштол во сопствената глава, што покренува прашања за неговата психичка состојба. Инспекторите претходно изјавија дека не ја исклучуваат можноста за „тероризам“, но претпоставуваа дека напаѓачот дејствувал сам.

Нападот се случи на местото каде пред два дена учесниците на велосипедската трка „Тур де Франс“ поминаа низ главниот град на Данска.

Пукањето се случило околу 17 часот и 30 минути, што предизвикало паника. Во трговскиот центар имало поголем број посетители бидејќи во блиската сала требало да се одржи концерт на британскиот пејач Хари Стајлс, но истиот бил откажан.

Total
0
Shares
Поврзани објави