Фактор: БЕГ бара поскапување од 300 отсто

Драматични вести доаѓаат за корисниците на парно греење во Скопје. Балкан Енерџи Груп бара цената на парното да се зголеми за 300 отсто веќе од први јануари следната година, дознава Фактор.

Во барањето кое го доставиле до Регулаторната комисија за енергетика тие наведуваат дека цената на гасот им е драстично зголемена, односно токму за 300 проценти, во однос на јули минатата година кога РКЕ ја донесе последната одлука за цената на топлинската енергија.

Колкаво зголемување ќе одобри РКЕ не е познато, но укажуваат дека земјава нема домашно производство на гас и тој се набавува единствено од увоз, а цената на светските берзи е драматична.  

Официјално од Регулаторната комисија за енергетика велат дека колку точно ќе поскапи парното ќе се знае кога БЕГ ќе достават докази за тоа по која цена ќе го склучат договорот за набавка на гас за следниот период. Барањето на БЕГ сега им е вратено, а за зголемувањето ќе се одлучува кога ќе се достават бараните докази од страна на регулаторот.

Инаку, БЕГ има резервирано количини на гас само до крајот на годинава или нешто малку од почетокот на наредната година, а потоа ќе мора да набави нов количини кои ќе бидат по драстично повисоки цени.

Фактор ја праша РКЕ дали БЕГ има доставено барање за корекција на цената на парното и колку е бараното зголемување. Исто така, се интересиравме колкава била цената на гасот при носење на последната одлука, а колкава е сега.

„Балкан Енерџи ДООЕЛ достави барање за промена на одобрениот регулиран максимален приход за 2022 година, почнувајќи од први јануари 2022 година. Како основ за ова барање, БЕГ го посочува стрмниот пораст на цените на природниот гас на меѓународните пазари, кој е за повеќе од 300 отсто повисокод цената на природниот гас што РКЕ ја одобри во јули 2021 година“, потврдија од РКЕ за Фактор.

Од Регулаторната комисија велат дека ова барање ќе се анализира во моментот кога БЕГ ќе достави доказ, односно договор за набавка на природен гас, во кој ќе биде дефинирана цената на природниот гас, што за РКЕ ќе биде показател дали бараниот процент е соодветен.

Но, она што е многу извесно е дека парното сигурно значително ќе поскапи, што се потврдува и од фактот што РКЕ ќе им сугерира на општините каде што има граѓани кои користат парно – парично да им помагаат на тие граѓани.

„Со оглед на исклучително комплексната состојба на пазарот со енергенси, кога е во прашање цената на природниот гас кој во нашата држава единство доаѓа од увоз, а со самиот факт дека централното градско подрачје е корисник на топлинската енергија, РКЕ во процесот кога ќе стартува со анализа ќе ја информира Владата, Градот Скопје и општините на чие подрачје има корисници на топлинската енергија, за да ги разгледаат можностите за финансиска помош на домаќинствата кои користат парно. За ваша информација, во поголем дел од земјите во нашето опкружување и во Европа, цената на топлинската енергија се определува на локално ниво, на подрачјето каде има мрежа“, објаснуваат од Регулаторната комисија за енергетика.

Фактор ја праша и БЕГ колкаво барање за зголемување на цената на парното доставиле до РКЕ, на што тие ни доставија премногу општ и нејасен одговор.

„Согласно Правилникот за регулирање на цени за топлинска енергија и системски услуги донесен од стана на Регулаторната комисија за енергетика, друштвата кои се носители на лиценца за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија имаат обврска до РКЕ да достават податоци за трошоци за регулираниот период. Врз основа на тие податоци,  Регулаторната комисија за енергетика ги утврдува тарифните ставови според кои се фактурира испорачаната топлинска енергија кон крајните потрошувачи“, се вели во штуриот одговор кој го добивме од БЕГ.

Доколку оваа драматична најава навистина се реализира, и цената на парното навистина се зголеми за 300 отсто, тоа би значело дека една сметка која сега изнесува 1.500 денари, би се искачила на 6.000 денари. Тоа е ценовен шок кој нема да си го дозволат многу од граѓаните и ќе се префрлат на струја, што, пак, ќе го оптовари тој систем. Затоа мора да се најде решение овој ценовен шок за корисниците на парно да не биде толку стравичен, па ќе се бара од општините финансиски да помагаат, а секако во тоа нема да се изземе од одговорност ниту Владата, која ќе мора да најде начин како да не „изгорат“ од ценовниот удар на парното овие граѓани.

анализата продолжува на Фактор.мк

Total
0
Shares
Поврзани објави
Повеќе

В.д. директорот на ЈП „Градски паркинг“ – Бојан Христовски денеска на Фејсбук сподели дека се повлекува од раководната позиција во претпријатието

Го пренесуваме во целост неговиот пост на социјалната мрежа: „Денеска навршуваат точно 8 месеци од моето именување за…