Фокус: Клиника за онкологија ги остави болните од рак без имунолошка терапија

Повеќе од две недели нема имунолошка терапија за болните од карцином на скопската Клиника за онкологија, неофицијално дознава „Фокус“.

Според нашите информации, пациентите кои ја чекаат оваа терапија се уште не ја примиле. Најверојатно станува збор лошо испланирана набавка, што на некој начин им го загрозува животот на сите оние болни од оваа подмолна болест, чија терапија е неопходна. Имунолошкта терапија се прима на секоја трета недела.

„Јас имам карцином на дојка и треба да ја примам имунолошката терапија, која моментално ја нема на клиниката. Ние како пациенти не знаеме која е точната причина зошто ја нема неопходната терапија и не наше да знаеме, но факт е дека е многу битна.

Овој вид на терапија може да се задоцни најмногу седум дена, а јас веќе 14 дена како доцнам со примањето“, објаснува пациентка во изјава за „Фокус“.

Во зависност од тоа, за каков вид на карцином се работи, онкологот кој ги води пациентите после завршувањето на хемотерапијата и зрачењето одредува дали ќе продолжи со примање на нова терапија и дали тоа ќе биде имунолошка и колку пати треба да се прима. Овој вид на терапија се прима во форма на инекција.

За првпат ваква терапија на скопска Онкологија беше промовирана во 2019 година од страна на тогаш актуелниот министер за здравство, Венко Филипче, кој се пофали дека за првпат во историјата на македонското здравство се обезбедени современи и најдобри медицински третмани со биолошки лекови, современа терапија со што се овозможува квалитетен живот и реинтеграција на болните од рак и евентуално излекување.

„Фокус“ ја контактираше и актуелната директорка на клиниката, доктор Виолета Клисаровска, која потврди дека има недостиг на лекови на Онкологија.

„Тендерската постапка е во последна фаза, односно по десетина дена ќе ги има сите лекови во потребните количини“, вели доктор Клисаровска во изјава за „Фокус“.

Пред само одреден период го немаше и лекот херцептин, кој пациентките го примаат за рак на дојка, но сега во моментот клиниката располага со овој вид на лек.

ОЧАЈНА СОСТОЈБА НА ОНКОЛОГИЈА

Пред речиси три недели, државните ревизори излегоа и со официјален извештај за случувањата во последните години на Клиниката за онкологија и радиотерапија.

Клучни забелешки има за начинот на набавка на биолошката терапија. Клиниката купувала биолошка терапија од само еден доставувач и тоа на реверс без одобрени средства од Фондот за здравство. Освен тоа немало формирана цена при набавка на биолошката терапија, а се делела само со одлука на докторите без медицински протокли и без стручен колегиум. Поради ова пациентите биле во опасност да останат без терапијата со која се лекувале.

Вториот скандалозен момент е што во 2016 година бил набавен линеарен акцелератор, кој не бил користен туку бил ставен во складиште каде собирал прашина. За овој акцелератор Министерство за здравство платило 16.000 евра и воопшто не бил ставен во употреба. Наместо тоа за скадиштето каде бил чуван била плаќана кирија од 3.000 евра и ова траело со години. Во меѓувреме истекла гаранцијата на апаратот кој требало да се користи за лекување на болните од канцер.

Во моментот на ревизијата Клиника е тужена од повеќе оператори за долг во висина од 885 милиони денари или 14 милиони евра од кои 94 отсто се фактури за набавка на лекови и медицински материјали.

Total
0
Shares
Поврзани објави