Цело лето решавав информатички задачи, па освоив меѓународен медал

Наредниве години сакам да ја претставувам нашата држава на Интернационална Олимпијада по Информатика и да освојам медал на истата, ни вели петнаесетгодишниот Благој

Фактот дека само што излегол од основно образовение и дека е во прва година во прилепската гимназија „Мирче Ацев“ не бил хендикеп за петнаесетгодишниот Благој Рујаноски Стојановски да освои сребро на годинешнава Јуниорска балканска олимпијада по инфорамтика што се одржуваше во Романија. Освен неговото сребро, нашиот тим на информатичари освои уште две бронзи.

– Задачите беа тешки, но со употреба на моето знање и логичко размислување успеав да го постигнам овој феноменален успех за нашата држава. За овој медал се подготвував цел летен распуст, решавајќи задачи од претходните олимпијади, така што таму пристигнав доста спремен и психички и физички. Не ме измори ниту дводневното патување со автомобил до таму, ни вели Благој.

Информатиката рано станала негова определба. Уште во шесто одделение неговата наставничка, а подоцна и менторка Гордана Јованоска го забележала неговиот талент и му предложила да оди на дополнителна настава. Во осмо одделение за првпат отишол на натпревар, па следеле успеси – прво место на регионален, прво на државен. Во девето одделние освоил и златен медал на Македонска Јуниорска Олимпијада по Информатика.

–Многу ми се допаѓа информатиката затоа што од ништо можам да направам програма што би вршела некоја корисна работа од секојдневниот живот. За решавање на задачите многу ми е интересно како треба да се употребува креативно и логичко размислување. Мислам во иднина целосно да се посветам кон неа. Повеќето ја сметаат дека е бауч, затоа што треба да се вложи доста напор и труд со години за да се разбере, да се научи. По можност треба да се започни уште од „најмали нозе“, ни вели Благој.

Во однос на тоа каде се нашите ученици во споредба со оние од другите земји тој вели дека сме некаде на средина.

–Обично нас (Македонија) не сметаат за аутсајдери, затоа што кај нас програмирањето е послабо развиено и нема многу кадар што може да обучува таленти затоа што и тој што знае заминува во странство. По мое мислење сме во средина на светско ниво, вели тој.

Благој во иднина се гледа како успешен програмер.

-Можеби и како основач на сопствена компанија. Наредниве години сакам да ја претставувам нашата држава на Интернационална Олимпијада по Информатика и да освојам медал на истата, најавува тој. 

И тој смета дека е важно да се има талент, но и упорно да се работи

–Тие што имаат талент ќе напредуваат побрзо додека останатите ќе им треба малку повеќе време, но со упорна работа можат да ја постигнат таа цел. Исто така е премногу битно да имаат некој што ќе ги поддржи, научи и насочи кон тоа. Зборувам за ментори кои што имаат претходно искуство од натпревари, поточно, бивши учесници на големи меѓународни натпревари, потенцира овој талент.

извор: skopskoeho.mk

Total
0
Shares
Поврзани објави
Повеќе

ЕКСЛУЗИВНО: “Возилото е старо , пожарникарите пред пензија и така солзите си течат си течат”: oдговорен за опремата на пожарна со емотивна порака

По сообраќајката на противпожарно возило во Скопје во која тројца пожарникари се повредени на социјалните мрежи се појави…