Што значи шеријатскиот закон за жените во Авганистан

Што воопшто претставува шеријатскоит закон, што вели тој за правата на жените, но и за правата на муслиманите воопшто.

За време на претходното владеење на талибанците во Авганистан, помеѓу 1996 и 2001 година, жените мораа да бидат во своите домови и не им беше дозволено да ги напуштат, освен во придружба на маж.

Многу жени и општо активистки во Авганистан стравуваат за нивната безбедност и пристап до образование. Ако извршат прељуба, шеријатскиот закон предвидува смртна казна. Сепак, за „хад“ да се примени треба да има докази, а и претходни одобрувања од верски експерти.

Што претставува шеријатски закон

Шеријатскиот закон е исламски правен систем, кој дејствува и како основен верски морален кодекс на исламот и како правила што важат за сите области од животот; вклучувајќи ги и верските обврски, секојдневните рутини и личните верувања.

Се потпира главно на учењата на Куранот и суната (учењата и практиките на Мухамед), но исто така се заснова на иџма (консензус на муслиманските научници за некоја ставка во шеријатскиот закон) и кијас (решение направено по аналогија од исламски правници).

Сите дејствија се категоризирани како задолжителни, препорачани, дозволени или недозволени. Начинот на кој шеријатскиот закон се применува во општеството варира меѓу муслиманските држави.

Забрани и казни


Злосторствата се поделени во три категории: најсериозни (тазир), за кои казната зависи од одлуката на судот, оние за кои сторителите се казнуваат со истото што претрпела и нивната жртва и најтешките престапи (худуд) кои се сметаат злосторства против Бога.

Прељуба, лажно обвинување за нелегален сексуален однос, пиење алкохол, кражба се генерално меѓу најтешките прекршоци, што значи дека сторителите можат да бидат камшикувани, каменувани, протерани или погубени. Казната предвидена за такви кривични дела вклучува ампутација на дел од телото.

Талибанците следат екстремна верзија на шеријатот во која се практикуваат јавни егзекуции и отсекување делови од телото, забрана за музика, телевизија и тепање мажи кои не се молеле петпати на ден или ја избричиле брадата.

Делата против друго лице, од убиство до напад, се казнуваат со одмазда, при што сторителот се третира на ист начин како жртвата. Овој вид кривично дело се смета за граѓански престап, а не за кривично дело во техничка смисла, бидејќи државата нема право да покренува кривична постапка, туку само жртвата или семејството на жртвата.

За неколку конкретни кривични дела, казната може да биде фиксна: смрт за напуштање на исламот, отсекување рака за кражба, каменување за вонбрачен секс кога сторителот е во брак, 100 удари со камшик кога сторителот не е во брак и 80 удари со камшик за недокажани обвиненија за непристојност и за пиење алкохол.

Во кои земји се спроведува шеријатскиот закон

Колку строго се толкува и почитува шеријатскиот закон, делумно или целосно, варира од земја до земја и зависи од надлежната влада. Некои земји одлучиле да усвојат неколку аспекти на шеријатското право во комбинација со системи од европското право, додека други, вклучувајќи ги Саудиска Арабија, Катар и Иран, го следат доследно.

Иако многу земји во Африка следат делови на шеријатското право, вклучувајќи ги Нигерија, Кенија и Етиопија, Судан престана да го користи во септември 2020 година кога официјално стана секуларна држава и стави крај на 30-годишното спроведување исламско право.

Земјите каде што важи верзија на шеријатскиот закон се: Авганистан, Бахреин, Брунеи, Египет, Индонезија, Иран, Ирак, Малезија, Малдиви, Мавританија, Нигерија, Пакистан, Катар, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Јемен.

Шеријатскиот закон и женските права

Талибанците претходно оваа година рекоа дека сакаат вистински исламски систем во Авганистан, кој ќе ги одредува правата на жените и малцинствата, во согласност со културните традиции и верските права.

Жените требаше да носат бурки за време на последното владеење на талибанците и не им беше дозволено да користат здравствени услуги спроведувани од мажи, додека на девојчињата не им беше дозволено да посетуваат училиште.

Патријархалниот став е основа на традиционалниот исламски закон за семејни односи. Татковците имаат право да им договорат брак на своите ќерки, малолетни или возрасни, но адвокатите се согласуваат дека возрасна жена, која повеќе не е девица, мора да даде експлицитна согласност за брак. Прашањето дали ќерката девица има право да приговара на бракот склучен од таткото е прашање на дебата меѓу исламските правници. Некои веруваат дека нејзиниот приговор треба да се земе предвид, но дека не е обврзувачки, додека други веруваат дека таквиот приговор го исклучува бракот.

Семејно право

Во традиционалното исламско семејно право сопрузите имаат право на полигамија и можат да бидат легално во брак со најмногу четири жени. За време на бракот, мажот е должен да се грижи за жената и да ја издржува, под услов таа да му е послушна. Жената што ја отфрла доминацијата на својот сопруг и го напушта семејниот дом без оправдана причина го губи правото на издршка.

Разводот може да се постигне со заеднички договор на брачните другари. Меѓутоа, само сопругот има моќ еднострано да го прекине бракот. Ова е вонпарнична постапка; односно сопругот може своеволно да се откаже од својата сопруга и судот или кое било друго службено тело не е задолжено да извршат надзор.

Како се донесуваат судските одлуки

Како и секој правен систем, шеријатот е комплексен и неговата практика целосно се потпира на квалитетот и обуката на професионалци, наведува Би-би-си.

Исламските правници издаваат упатства и пресуди. Упатствата што се сметаат за формални законски решенија се нарекуваат фатви.

Постојат пет различни школи на шеријатското право, а доктрините се разликуваат во тоа како се толкуваат текстовите од кои произлегува шеријатското право.

Total
0
Shares
Поврзани објави