Јовески ја суспендира Русковска

Државниот обвинител Љубомир Јовески поведе предлог за дисциплинска постапка и привремено ја суспендира шефицата на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска. За двете нејзини колешки Елизабета Јосифовска и Ивана Трајчева, пак, поведе дисциплинска постапка.  

Како причина за суспендирањето се наведува „тешка дисциплинска повреда“, а поводот е претресот во Финансиската полиција.

Русковска ја потврди информацијата за БИРН.

„Го добив решението, но засега нема да коментирам“, вели таа.

Информацијата ја објави Државното обвинителство.

„Јавниот обвинител на Република Северна Македонија денеска поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда“, пишува во соопштението.

Се бара Русковска да биде оддалечена од обвинителската функција.

На сето ова му претходеше вербална „војна“, меѓу директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми и Русковска, која, во една од последните реакции, ја повика на помош меѓународната заедница за да може да го спроведе претресот во институцијата.

Ако дисциплинската комисија што треба да биде формирана ѝ изрече дисциплинска мерка парична казна или разрешување, Русковска во рок од седум дена може да се жали до Советот на јавните обвинители.

Таа институција би била последната „надеж“ за Русковска.

Total
0
Shares
Поврзани објави