Адвокатот Димишков сведок во случајот “Рекет” – Камчев сакаше да ме ангажира за да ја тргне сестра ми од “Империја”

Адвокатот Васил Димишков, брат на судијката на претходна постапка во Основниот кривичен суд, Весна Димишкова, денеска сведочи во случајот „Рекет“.

Тој пред судот говореше за неговата средба со Орце Камчев, кој е обвинет во „Империја“, случај за кој како судија на претходна постапка одлучувала неговата сестра Весна Димишкова и за средбата со обвинетиот во „Рекет“, Бојан Јовановски.  

Димишков рече дека средбата со Камчев се случила околу 20 август 2018 година, која била договорена преку директорот во Стопанска банка, Владимир Ефтимовски, банка чиј адвокат бил Димишков.   

За самата средба со Камчев, Димишков рече дека била во „Систина“. На оваа средба, како што кажа Камчев, му покажал фотографии од некои документи, кои тој не ги видел прецизно, но Камчев му го посочил потписот кој бил на неговата сестра, судијката Димишкова. Притоа Камчев му понудил на Димишков да се приклучи на неговиот тим адвокати, но не му кажал за каков предмет сака да го ангажира. Иако било договорено да се видат повторно, Димишков вели дека Камчев повеќе не му се јавил, туку почнале да го контактираат други лица. Димишков пред судот прецизираше дека тоа се случило откако на Камчев му бил одреден притвор за „Империја“.

„Откако заврши во притвор, наредните денови се јавуваа повеќе мои роднини и пријатели, ме викаа на кафе, а кога ќе се сретнев со нив, тие ми кажуваа дека се по некоја линија пријатели со Камчев и ме прашуваа што би можело тука да се помогне. Им кажав дека јас не можам да помогнам ништо. Меѓу тие луѓе беше и Зоран Милески-Кичеец, кому, иако му имав кажано дека тоа што го бара од мене не можам да го направам, тој инсистираше на повторни средби на кои разговаравме околу тоа да бидам ангажиран како бранител, за адвокатската награда, околу законската постапка во вакви предмети и во една пригода тој направи средба и со сопругата на Камчев, Ана, која е и адвокатка во тимот на Камчев“,

сведочеше Димишков.

На оваа средба, како што рече, Ана Камчева му кажала дека имаат стратегија да го зголемат тимот на бранители и дека планираат и него да го вклучат во тимот.

„Разговаравме за притворот на господинот Камчев, им кажав дека тоа што го бараат не е реално да се оствари, посебно не за таков краток временски период. Им кажував дека, според постапката и законските рокови, вакво нешто е невозможно. Мислам дека госпоѓа Камчева затоа што е адвокатка ме сфати и од тие причини се согласи дека тоа не е можно за краток временски период“,

рече Димишков додавајќи дека средбата завршила со тоа тој да им каже колку ќе чини неговиот ангажман.

Но, по неколку дена, Димишков рече дека одлучил да не ја прифати понудата бидејќи, како што сведочеше денеска, проценил дека сакале да го искористат и со тоа што ако го ангажираат за бранител, неговата сестра Весна Димишкова, која во случајот била судија на претходна постапка, по сила на закон ќе биде изземена од предметот.

„Анализирајќи ги разговорите со Милески и тој со Милески и Камчева заедно, проценив дека не би требало да прифатам да бидам бранител во предметот. Од тие причини, кога се јави господинот Милески да се видиме за да му кажам колку чини мојата услуга, му кажав сума која знаев дека нема да биде прифатлива за нив. Откако им ја кажав висината на наградата, потоа никој веќе ниту ми се јави ниту ме побара“,

рече Димишков.
Вилма Русковска

Понатаму во сведочењето Димишков говореше и за средбата со Јовановски.

Рече дека таа била летото 2017 година, кога бил препорачан како адвокат во „Меѓународниот сојуз“, на која бил запознат со намерите и плановите на „Сојузот“. Потоа имало и други средби, а по отворањето на 1ТВ тој бил ангажиран за повеќе предмети.

текстот и фотографијата се сопственост на порталот 360степени.мк

Total
0
Shares
Поврзани објави