Апелација пресече: Ослободителна пресуда за обвинетите за убиството на полицајците на влезот од Арачиново пред 19 години

Апелациониот суд по скоро 19 години донесе конечна ослободителна пресуда за Рамиз Асани, Муча Бајрами, Емрула Емрулаи и Лирим Динарица, на кои им се судеше за убиството на тројцата полицајци Кирил Петрушевски, Ацо Ангеловски и Ерол Готак кое се случи на 11 јануари 2000 година на влезот во Арачиново.

Лирим Динарица, еден од обвинетите, по објавување на ослободителната пресуда од Кривичниот суд лани изјави дека во нивна одбрана имало стотина сведоци кои изјавиле дека тој и останатите обвинети немаат никаква врска со убиството на тројцата полицајци.

„Минавме 18 години тортура и малтретирања низ овие судски лавиринти и само нашата кожа знае како ни било. Жално е што во затворите во Македонија лежат многу невини луѓе, не само од овој случај, туку и од многу други“, изјави тогаш Динарица.

За случајот беа обвинети 6 лица вклучувајќи ги и сега починатите Башким Асани и Агим Асани. Обвинетите веќе еднаш добија ослободителна пресуда поради недоволно докази, но по жалбата на Обвинителството Апелациониот суд ја укина првостепената одлука по што постапката беше вратена на почеток.

Овојпат повторно обвинителството се жалеше, но Апелациониот суд не ја прифати жалбата и ја потврди ослободителната пресуда.

Тројцата полицајци кои на 11 јануари 2000 година беа убиени учествувале во акција за пронаоѓање украдени автомобили при што на нив беа испукани голем број куршуми од автоматско оружје.

Total
0
Shares
Поврзани објави