Банките ќе решат кој ќе добие ново одложување на ратите за кредитите

Банките ќе одлучуваат кои граѓани ќе добијат повторно шестмесечно одложување на плаќањето рати за кредитите. Одложување на кредитите ќе добијат клиенти кои имаат реална потреба за тоа, односно останале без работа, имаат намалени примања, високи трошоци за лекување и слично. Во најкус можен рок банките ќе ги дефинираат критериумите и условите кои ќе треба ги исполнат клиентите со цел одложување на кредитот најдоцна до март следната година.

„Банките можат на своите клиенти да им понудат и втора поволна промена на договорните услови за кредитните производи. Целта е да се помогне на оние клиенти кои се негативно погодени од пандемијата на ковид 19. Условите и начинот на промена на договорните услови за втор период на одложување на отплатата на обврските по основ на кредит треба да го дефинираат банките“, велат од Народна банка.

Според нив, вториот период на одложена отплата на кредитите на граѓаните погодени од ковид кризата може да трае до шест месеци.

Секоја банка на својата официјална веб страна ќе го објави процесот и постапката за одложување на кредитните обврски, а клиентите во рок од 10 дена ќе можат да побараат потвроно одложување на кредитот.

„Детални информации, во рамки на своја постапка и методологија, секоја деловна банка ќе објави на својата интернет страница во најкус можен рок околу процесот и постапката преку која ќе се овозможи вториот период на одложена отплата. Од датумот на објавата, клиентите ќе имаат рок до 10 дена да се изјаснат дали им е неопходен втор период на одложена отплата“, рекоа од Македонската банкарска асоцијација.

Граѓаните во барањата за одложување на кредитот ќе треба да ги наведат, а банките ќе одлучат дали ќе има второ одложување. Оние на кој нема да им се одобри барањето, веќе од први октомври ќе треба да почнат со редовна исплата на ратите за кредитите и на кредитните картички. Р.Д.

Total
0
Shares
Поврзани објави