Браќата Усеини сами се јавија во притвор

Бизнисменот и советник во општина Охрид Нефи Усеини и неговиот брат Ибро се во притвор. Браќата сами се пријавиле во охридскиот затвор на издржување на мерката притвор во траење од 8 дена, што им ја одреди судот за нападот на нивниот сограѓанин Спиро Топаловски што се случи минатата недела среде бел ден пред хотел во градот.

Полицијата која до надлежното Јавно обвинителство поднесе кривична пријава против Усеини за сторените кривични дела „насилство“ и „неовластено држење на оружје или распрскувачки материјали“ за инцидентот не можеше да ги пронајде изминативе шест дена. На нив, судот им ја изрече оваа мерка поради можноста за повторување на делото, влијание на сведоци и бегство.

Топаловски кој најнапред рече дека физичката пресметка со Усеини се случила пред очите на неговиот малолетен син и дека во инцидентот бил изваден и пиштол. По неколку дена ја промени изјавата тврдејќи дека му се причинило дека бил удрен со пиштол и дека се работи за недоразбирање.

„Од еден немил настан и расправија, се направи филм. Додека јас и Нефи разговаравме, добив удар од задната страна и од стресот што го добив, особено и поради тоа што мојот син беше присутен добив погрешен впечаток за се. Да бидам искрен оружје не видов, но во целата таа паника што настана се стекнав со таков впечаток како да има пиштол, а всушност немаше“, стоеше во дописот на Топаловски.

Инаку ова не е прв инцидент во кој учествувал советникот Нефи Усеини. Кривични пријави против Усеини беа поднесувани и во минатото за повеќе случаи на насилство, физички напади, и узурпација на простор. Р.Д.

Total
0
Shares
Поврзани објави