Членови на ДИК осомничени за местење тендер за софтверот на изборите

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција покрена истражна постапка против четири члена на Државната изборна комисија и против еден управител на фирма  за злоупотреба на службената должност и овластување.

Тие се осомничени дека како членови на Комисијата на ДИК за јавни набавки и осомничениот управител, спровеле незаконска постапката за јавна набавка не утврдувајќи дека економскиот оператор не ги исполнува условите за учество во постапката.

Освен тоа, тие не извршиле тестирање и финален тест на софтверот пред истиот да биде имплементиран и не бил извршен увид во спроведената постапка со преговарање, иако биле должни да го направат истото пред да биде потпишан Договорот.

Воедно, изготвувањето на техничката спецификација за јавната набавка била направена во консултации со учесник во постапката, со што за две правни лица била прибавена корист – право да учествуваат во постапката за јавна набавка и да склучат договор за истата.

Со извршените дејствија е овозможено правните лица да се стекнат со противправна имотна корист во износ од 899.999,00 денари, како и износ од 349.500,00 денари.

Заради непречено водење на кривичната постапка, обвинителството ќе бара од судот да определи мерки на претпазливост, како што е забрана за напуштање на живеалиштето, обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице и привремено одземање на пасошот и личната карта.

Total
0
Shares
Поврзани објави