Деца биле удирани со шамари и гумени палки, затворениците гладни

Постојана собраниска комисија за надзор на казнено-поправните установи излезе со десетина забелешки за условите со кои се соочуваат осудените лица во земјава како и вработените во овие институции. На денешната собраниска расправа, претседавачот на Комисијата, Фадил Зендели, посочи дека  при посета на затворите во Идризово и Штип констатирале најпрвин недостиг на финансиски фондови за овие институции.

Зендели посочи и дека во затворите количината на храната за осудените е незадоволителна, има недостиг на медицински работници, услови за телефонска комуникација со роднините проади лошата состојба на телефонските апарати, лоши услови за престој…

Директорката на Дирекцијата за извршување на санксии Билјана Зевиќ во нејзиниот говор рече дека во претходните буџети се предвидувале средства за затворите, а во периодот се предвидуваат и капитални инвестиции. Директорката призна дека количината на храната е недоволна, но  гарантираше дека квалитетот на храната е според предвидените стандарди. Исто така, за проблемите со телефонските линии потврди дека има технички недостатоци и најави дека ќе се работи и за поправка на овој проблем.

Народниот правобранител при посета на неколку казнено поправни установи во земјава констатирал употреба на физичка сила врз малолетни лица кои се држат во поправните установи. Заменичката Народен правобранител, Васка Бајрамовска Мустафа на денешната собраниска расправа на надзорната комисија рече дека како последица на лошите услови и третман, децата од поправните установи наместо да се рехабилитират завршуваат понатаму во затвори.

“Децата биле удирани со шамари и гумени палки. Некој тврди дека бил и врзан со лисици. Во разговор со еден малолетник при наша посета, се пожали дека бил удиран со гумена палка. По контрола и анализа било потврдена дека повредата е од тој удар”, изјави Бајрамовска Мустафа.

Зборувајќи за условите во затворите таа посочи дека недостигаат стоматолози, а во Идризово има само една стоматолошка столица која е нефунксионална.

“А иронијата да биде поголема, најголем број од жалбите се за проблеми со заби. Сите третмани се вршат во надворешни амбуланти, затворениците не се здравствено осигурени и морат да платат сами за здравствените трошоци”, рече Бајрамовска Мустафа.

Пред неколку дена беше објавена фотографија од претепан затвореник без детали и информација што се случило во затворот Идризово.

Total
0
Shares
Поврзани објави