Драма во Ново Село, бркотници и пукање при апсење на градоначалникот за шверц на цигари

Градоначалникот на општина Ново Село, Боро Стојчев, од редовите на СДСМ, е уапсен под обвинение за шверц на цигари. Бил приведен синоќа додека бил заедно со неговата сопруга, синот и уште еден соучесник.
За време на полициската акција имало и вооружена престрелка, дознава Алсат М. Според првичните информации биле запленети два џипа со цигари.
Синоќа жителите на Ново Село слушале престрелка меѓу две групи. Алармирана била и бугарската полиција, којашто ја зголемила борбената готовност на својата погранична единица. Локалното население синоќа претпоставуваше дека се работи за криминални групи кои се занимаваат со прекуграничен шверц на цигари.
Престрелката се случувала во близина на поседот, или како што го нарекуваат „ранчот“, на градоначалникот на Ново Село од редовите на СДСМ, кој исто така е забележан како се движи во областа следен од две возила и нему блиски лица, а во насока на местото каде што се одвивала престрелката се упатиле бројни полициски сили и амбулантни возила, како и лично началникот на полицијата.
Денеска полицијата потврди дека тој е уапсен и соопшти :
“На 10/11.07.2018 година околу 19 часот од страна на полициски службеници при СВР Струмица во близина на с.Баделен општина Ново Село, запрени се две моторни возила натоварени со картонски кутии со цигари.
Во едното возило имало 29 кутии со по 50 штеки и една кутија со 49 штеки цигари, а било управувано од страна на Б.С. (54), со сопатник Ј.С.(49) од с.Ново Коњарево. Во другото возило управувано од Г.С. (24) со совозач С.В (26) од с.Ново Коњарево, биле натоварени 35 штеки цигари и една кутија со 49 штеки цигари и една штека со девет кутии.
При преземањата на потребните мерки и дејствија лишено од слобода е и лицето М.Т (52) од с.Самоилово, кој управувал моторцикл марка „Hamachi“ без регистарски таблици.
При превземање на мерки во обид за бегство на второто возило, од страна на полициски службеници биле испукани два предупредувачки куршуми. Извршен е увид од страна на СВР Струмица во присуство на Јавен обвинител.Лицата се лишени од слобода и задржани во СВР Струмица, а пронајдените кутии со цигари се одземени”.
Градоначалникот се сомничи дека се занимавал со шверц но во нелегалните активности биле вклучени и неговата сопруга и роднини кои фигурирале како управители на фирмите.

Total
0
Shares
Поврзани објави