Поранешниот амбасадор на ЕУ Ерван Фуере вели дека заканите на Бугарија за блокирање на преговарачкиот процес со ЕУ треба сериозно да ја загрижи Европската унија.
– Ова прашање е многу загрижувачко затоа што покажува дека некои земји членки го користат членството во ЕУ за да наметнат националистичка агенда, ова е нешто што ЕУ не смее да го потцени, ниту земјите членки ниту институциите на ЕУ – вели Фуере во изјава за МИА.
Тој смета дека корупцијата е еден од главните проблеми за земјата.
–Јасен е сигналот дека Владата не беше доволна цврста кон прашањата со корупцијата, и не само оние кои произлегуваат од претходната Влада, туку и сегашната корупција која е многу сериозен проблем и треба да се решава на попроактивен начин, инаку тоа ќе остане слаба точка, вели Фуере.
Според него, власта поголемо внимание треба да посвети на примената на законите.
– Мотото на демонстрантите „нема правда нема мир“ е многу реален предизвик за земјата, тоа мора да се земе предвид, порачува Фуере.