Гласањето на седницата на Собрани ќе се одвива рачно (со картончиња)

Во Собранието денеска на пладне во салата Голема купола ќе се одржи првата седница на новиот парламентарен состав согласно здравствените протоколи за заштита од ширење на Ковид-19. Со седницата ќе претседава претседателот на Собранието во заминување Талат Џафери.

Според точките на дневиот ред на седницата ќе се изврши избор на претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието, а потоа ќе следи верификација на мандатите на пратениците во Собранието. Трета и четврта точка се избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието и избор на претседател на Собранието на Република Македонија.

Функцијата Претседател на Собранието им припаѓа на партиите кои ќе обезбедат мнозинството за формирање влада, процес кој формално почнува денеска, па не може со сигурност да се очекува дека тој ќе биде избран на конститутивната седница.

На седницата како гости се поканети претседателот Пендаровски, премиерот во заминување Оливер Спасовски, поранешни претседатели на државата и на Собранието, претседателите на Уставниот, на Врховниот суд и на Судски совет на Република Македонија,јавниот обвинител и претседателот на Советот за јавни обвинители, Народниот правобранител, членови на Владата и гувернерката на Народна Банка на Република Македонија.

Седницата во својство на гости ќе ја проследат и лидери на политичките партии застапени во Собранието, началникот на Генералштабот на Армијата , претседателите на МАНУ и на Државната изборна комисија, државниот правобранител, претставници на верските заедници, како и шефови на странски дипломатски конзуларни мисии во Република  Македонија.

Kако што соопштија од собраниската прес – служба, во согласност со препораките од Комисијата за заразни болести, Конститутивната седница ќе се одвива според протоколи и критериуми коишто се утврдени во претходна координација со претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски, со единствена цел да се намали ризикот од евентуално ширење на заразата од коронавирусот.

На пратениците, на гостите и на претставниците на медиумите при влезот во зградата на Собранието ќе им биде мерена телесна температура, по што ќе им биде овозможено да влезат во зградата. На сите влезови ќе бидат обезбедени средства за дезинфекција.

Бидејќи станува збор за вонредни околности и е неопходно одржување на задолжителна физичка дистанца меѓу пратениците, Конститутивната седница ќе се одржи во Големата сала на Собранието на Република Северна Македонија, односно во салата позната во јавноста како Голема купола. Пратениците ќе бидат на соодветна дистанца и ќе им биде обезбедена заштитна опрема.

Гласањето на седницата ќе се одвива рачно (со картончиња), а од седницата ќе има директен пренос на Собранискиот канал на Националниот радидифузен сервис МРТ.

Пренос од Конститутивната седница гостите ќе следат од пленарната сала „Македонија“, каде што ќе биде обезбедена неопходната физичка дистанца.

Во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести и за претставниците на медиумите ќе важат одредени протоколи за следење на Конститутивната седница, со цел да се намали ризикот од ширење на коронавирусот. За да се избегне поголемо групирање, Конститутивната седница ќе може да ја следат најмногу по двајца претставници од секој медиум, односно, согласно препораките на Комисијата за заразни болести, капацитетот на просторот дозволува најмногу 50 претставници на медиумите. Пренос од седницата ќе можат да следат во Салите 3 и 4 во Прес-центарот на Собранието. Седниците на работните тела, пак, медиумите ќе можат да ги следат преку директен пренос на веб-страницата на Собранието на линк.

Во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести, во Собранието нема да работат Клубот на пратениците, ресторанот и бифето што се наоѓа во Прес центарот..

Total
0
Shares
Поврзани објави