Градежната мафија ja бетонира Шапка пред да стане национален парк

Пред две недели откако граѓанската иницијатива „Да ја спасиме Попова Шапка“ побара државата да го стопира масовното узурпирање на Попова Шапка и бесправно градење објекти, институците молчат и не кажуваат што преземаат за запирање на „интензивното бетонирање на Шапка од страна на градежната мафија“.

– Се обративме и до Општина Тетово и до МВР, како и до Државниот инспекторат за урбанизам и до Јавното обвинителство, но од ниту една од нив сè уште немаме добиено одговор што преземаат и што ќе преземат за овој проблем, вели Хамди Сулејмани од иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“.

Во дописот упатен до институциите, тие наведуваат дека во моментов на Шапка се градат повеќе од 80 објекти на државно земјиште и инсистираат комуналните градежни инспекторати да ги применуваат важечките закони и да не се спроведува никаква постапка за легализација на бесправно изградените објекти што се градени по 2011 година.

Бараат да не се дозволи продолжување на градбата за објектите за кои постои записник за прекин на градбата, потпишано од сопственици на викендички и на хотели на Попова Шапка.

Во дописот се наведува дека им се познати имињата што се поврзуваат со градежната мафија во Попова Шапка.

„Таа (градежната мафија) се состои од неколкумина сторители кои веќе му се познати на целото население и инвеститори во Попова Шапка кои управуваат и изведуваат работи без соодветни дозволи, лиценци и одобренија“, се вели во писмото на иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“.

Од општина Тетово молчат за узурпацијата на државното земјиште и бесправното градење на Шапка, а на нивната страница нема ниту една информација за активности поврзани со овој проблеми.

Од МВР велат дека постапуваат по пријави од граѓани за узурпација на недвижности или за бесправно градење на Попова Шапка.

„Годинава, заклучно со денес, во СВР Тетово се изготвени и до Основното обвинителство Тетово се поднесени 2 поднесока (писмени известувања) поради основи на сомнение за сторени кривични дела ‘узурпација на недвижности’ и ‘бесправно градење’ во реонот на Попова Шапка и 1 поднесок за истите кривични дела во месноста Бањиче. Со првите два поднесока се опфатени исто толку сторители“, изјавиле за Слободен печат од МВР.

Исто така, во 2019 година биле поднесени вкупно две кривични пријави против две лица за кривичните дела поврзано со случувањата на Попова Шапка.

Попова Шапка е само дел од поширокиот регион на Шар Планина, кој треба да биде опфатен со заштита преку прогласување на национален парк. И додека Попова Шапка мака мачи со дивоградби, паралелно се одвива јавната расправа, која до крајот на месецов треба да резултира со конечно решение на идниот изглед и границите на опфат на Националниот парк Шара, со највисок степен на заштита. Р.Д.

Total
0
Shares
Поврзани објави