Градинките по шест месеци ги отворија вратите за дечињата

По шест месеци дома, над 14 илјади деца денеска се вратија во градинка. Во раните утрински часови, вработените во градинката „Фидани“ во Чаир, како и другите градинки во земјава, беа подготвени да ги пречекаат децата.

Како што е дефинирано во протоколите на Комисијата за инфективни болести, родителите ги предадоа децата на воспитувачките на влезот на објектот. Некои од децата беа пресреќни што повторно ќе се сретнат со другарчињата и воспитувачите. На други им беше тешко да се одделат од своите родители.

Родителите се надеваат дека здравјето на нивните деца нема да биде загрозено и дека протоколите на здравствените установи ќе бидат целосно почитувани. Иако треба да држат растојание од два метра при предавањето на децата, не ја почитуваа до крај препораката.

„Сметаме дека се безбедни. Затоа, решивме да ги донесеме затоа што сметаме дека грижата е на ниво. Постапката беше мерење температура, миење раце. Мислам дека ќе се дружат, бидејќи тука се веќе подолго време“, вели еден родител.

„Јас лично не чувствувам опасност. Верувам дека, како што најавија градинките, ќе ги исполнат условите“, додава еден родител.

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска ја посети градинката „Буба Мара“ во општина Аеродром. Рече дека сите градинки во земјата се отворени на време.

Таа информираше дека во сегашните околности, градинките имаат капацитет да згрижат 19.000 деца додека во целата земја има 4500 слободни места.

Во протоколот од 26 точки се предвидуваат на секои два часа да ги дезинфицираат рачките на вратите,  масите, столчињата, играчките. Подовите треба да се чистат неколку пати на ден и каде што има услови, теписите да се извадат.

Активностите треба да се изведуваат на начин со кои ќе се избегнува контакт помеѓу децата. Креветите ќе треба да бидат на растојание од 1,5 метри, а за време на паузата, вработените не треба да се дружат во групи. Маски и ракавици, покрај вработените, мора да носат и лицата кои ги снабдуваат градинките со храна.

Total
0
Shares
Поврзани објави