Груевски на ФБ: ОЈО да го презентира јавно доказите против мене

Политичкиот прогон против мене и против многумина од ВМРО-ДПМНЕ продолжува.

Малку им е обвинението и незаконската политички нарачана казна затвор дека сум влијаел да се набави блиндирана кола бидејќи сум сакал да бидам награден со тоа што и јас како премиер понекогаш ќе сум бил превезуван во неа покрај странските гости.

Малку им е апсурдното обвинение дека сум барал автопатот Кичево-Охрид да се заврши побрзо наместо побавно оти сум сакал граѓаните да ме наградат со тоа што ќе гласаат за мене на следните избори.

Малку им е обвинението дека наводно сум нарачал шамари кои никогаш никому не биле удрени.

Малку им е обвинението дека сум злоупотребил службена должност со тоа што општината срушила недоизградена класична и подоцна од судот потврдена дивоградба за која и самиот инвеститор признал дека е дивоградба давајќи барање до општината да му се преиначи градежната дозвола и да биде согласно веќе почнатата дивоградба.

Малку им е обвинението каде без еден доказ, сведок против мене или мој потпис ме обвинуваат за неправилно финасирање на партијата оти некој донирал па после дал изјава дека не донирал или дека не се сеќава дали донирал 500 или 1000 евра на партијата.

За сите овие лажни обвиненија за кои уште немам пресуда нарачателите на прогонот проти мене веќе побарале од судот да ми одреди максимална казна затвор од законски можната.

Малку им е тоа.

Сега решиле за почеток да ме осомничат а потоа и обвинат за непостоечки тероризам.

Очигледно е дека оваа неспособна и недемократска марионетска влада нема друг начин како да ја покрие својата неспособност и своите чекори кои се штетни за државните и националните интереси на Македонија, својот криминал, непотизам и корупција на секој чекор, па мора тоа постојано да го прави преку неправедни осомничувања, обвинувања, судења и затворања на политичките неистомисленици. Преку лажни спектакли и процеси кои еден ден ќе бидат нивни срам и страв од казна за ова нивно злодело, а дотогаш наша голгота.

По којзнае кој пат ќе повторам.

Ниту сум организирал, ниту сум дал согласност некој да организира насилен упад во Парламентот и физичка пресметка со пратеници. Напротив, прв од сите политичари веднаш штом дознав побарав смирување на состојбата преку социјалните мрежи бидејќи тој и претходниот ден бев на пат во Виена.

Ги повикувам од ОЈО да ги објават јавно доказите против мене.

Да ги видиме матерјалните докази или какви и да има докази, па макар и некој лажен, нерелевантен или уценет сведок или загрозен осомничен или обвинет во некој случај.

Многу би сакал да ги видам доказите за нешто што не само што не сум го сторил, туку гледајќи како власта го иритира народот, сум стравувал некој друг во такви околности да не го стори тоа, а целата вина и целата негатива да падне на грбот на ВМРО и нејзините членови и функционери.

Сакам јавно да слушнам како тоа од позиција претседател на ВМРО-ДПМНЕ сум можел да влијаам на министерот Нухиу (кого мислам дека не го ни запознав лично а како министер бил прв одговорен за редот и мирот во земјата во која главен настан беа протестите и тензиите во и пред парламентот), или на било кој друг функционер од МВР, во правец како што пишува во соопштението на ОЈО да се намалеле полициските сили пред Парламентот.

Го повикувам ОЈО да ги презентира наводните докази против мене пред цел народ, пред цела јавност. Докази за нешто што не е сторено.

Ајде, не купувајте време, не се вадете на флоскули од типот ,,истрагата е во тек,, или ,,од истрагата ќе произлезе…,, или ,,истрагата е тајна…,, и слични празни флоскули. Ова не е обичен случај, туку случај кој го следи целокупната домашна и меѓународна јавност и неможе наводните докази да бидат само во вашите фиоки.

Кога знаете после скоро две години од настан за кој непрекинато се зборува во јавноста и за кој дел од осомничените ги каневте на распит, што значи знаеја дека се опфатени во предистрага, да ги притворате за да не влијаеле на сведоци или да не избегале, како божем досега во цели две години да неможеле, тогаш треба јавно да ги покажете и доказите.

За мене знам дека ги немате. А верувам дека и за останатите немате нешто што може да се нарече доказ. Ако е доволно некој да го обвинете само затоа што подржувал мирни протести, тогаш имате причина да ги уапсите сите политичари во земјата, бидејќи сите некогаш подржувале некои мирни протести, но и речиси цел народ бидејќи најголем дел од народот во различни времиња или околности подржувале некои мирни протести за една или друга работа.

Но, ако обвинувате некого за организирање упад во парламентот и физичка пресметка на пратеници и уште тоа го нарекувате тероризам и барате казна од најмалку 10 години затвор, тогаш за тоа се потребни цврсти, недвосмислени и силни докази и секако нивно јавно презентирање.

Total
0
Shares
Поврзани објави