Хронично болните во паника што мораат на работа во најкритичниот период

Хронично болните се противат на последната одлука на Владата, за враќање на работа по претходна препорака на Комисијата за заразни болести. Тие сметаат дека одлуката е целосно бесмислена и се плашат дека се изложени на реален ризик кога се знае дека следува многу посилен есенски бран на корона вирусот.

Имам ХОББ со години, успешно се справив сите овие месеци да не се заразам со опасниот вирус, а сега кога го најавуваат уште поопасниот есенски бран на болеста, не враќаат на работа, како може тоа да ни го направат, ова се само дел од реакциите на хронично болни пациенти кои од почетокот на епидемијата заради заштита на здравјето останаа дома со одлука на здравствените власти.

Според нив, власта секој ден објавува податоци дека од вкупниот број починати од вирусот, 90 проценти се наши сограѓани кои имале други коморбидитети, а од друга страна хронично болните ги враќа на работа во критичен период.

„Па има ли смисла сега да треба да се враќаме на работните места. Секако дека има ислкучоци, но јас конкретно целиот претходен период, од март наваму ниту сум била некаде, ниту сум била во контакт со некого, ќерките ми набавуваа се што е потребно и уште ми купуваат потребни намирници, едноставно се плашам за моето здравје, вели во разговор за Фактор соговорничка, која сакаше да остане анонимна, од причина да не ја изгуби работата.

Таа тврди дека и останатите граѓани со хронични заболувања кои ги познава, се револтирани што мораа да одат на работа, а се ризична група.

-Страшно е што во државата немаме механизам како тоа да се изрегулира и да биде праведно за сите. Колку хронични болни има во администрацијата и државните институции, толку повеќе има и во приватниот сектор, но за жал таму никој не ги прашува. Но, како и да е сметам дека одлуката на Владата е сосема погрешна, вели таа.

Инаку, за ова, свој пост на Фејсбук објави и директорот на Клиниката за токсикологија, д-р. Нико Беќаровски кој директно се обрати до Комисијата за заразни болести:

Почитувани членови на КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ !!!!

Поминаа 33 години од денот кога го полагав испитот Епидемиологија со социјална медицина, кај Проф. Јанев, но и ден денес ги паметам неговите зборови, дека во секоја епидемија младите се челичат, возрасните заболуваат, а хроничните болни и постарите “патуваат”. Затоа, не учеше професорот, изолирајте ги ризичните категории, а останатите ќе ја победат секоја епидемија, порано или подоцна.
Ние денес, младите (учениците и младите родители) ги чуваме дома, пензионерите ни висат пред, маркетите, амбулантите и банките, а хронично болните ги враќаме на работа.
Знам дека 33 години е многу долг период и можеби ставовите се промениле, ама како да појаснам на мојот драг медицински техничар С.Б. кој има три стента, дијабет, ХОББ, ХТА, ХББ дека од утре може безбедно да доаѓа секое утро со автобус 19, дека може да ги боцка пациентите со 40С, а мојата исто така драга медицинска сестра Ц.К. млада и потполно здрава треба да седи дома до 31.12.

Total
0
Shares
Поврзани објави