Караџовски: Следните месеци носат ризик фактори што можат да ја влошат епидемијата

Епидемиолошката состојба во државата со ковид-19 е стабилна, со благ тренд на намалување на бројот на пациенти, вели првиот човек на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски, во изјава за „360 Степени“.

„Гледајќи го периодот јуни, јули и август се добива впечаток дека имаме лесно намалување од десетина проценти на вкупниот број на дневно регистрирани случаи, ако се земе период од осум недели. А она што го гледаме во последните две недели е намалување на бројот на заболените лица, што донекаде доаѓа до 20 отсто “,вели Караџовски.

Тој вели дека новите случаи на заболени од ковид-19, според информациите од Центрите за јавно здравје во земјава, во голем дел се поврзани со собири и настани на кои се прекршуваат мерките за заштита. Уверува дека новите кластери се следат и се контролираат, но апелира граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита за да не се ризикува состојбата да се влоши.

Засега генералната слика е дека епидемијата има опаѓачки тренд. Извештајот на Институтот за јавно здравје за последната недела на август, покажува пад на бројот на новорегистрирани случаи и на неделно ниво.

Во период од 24 до 30 август, Институтот за јавно здравје регистрирал 666 нови заболени лица од ковид-19 во земјава, за разлика од 28-мата недела од почетокот на епидемијата кога е достигнат врвот во однос на новорегистрирани случаи на неделно ниво со 1 074 заболени лица.

Караџовски потенцира дека не смее да се каже дека вирусот ја изгубил силата и потенцира дека особено есенско-зимските месеци носат повеќе ризик фактори што можат да ја влошат епидемијата.

Според него, системот е подготвен и за најлошо сценарио.

„Има розово сценарио, жолто, црвено и црно сценарио. Да не испаднеме дека ние сме пророци и предвидуваме што ќе се случи, ние како секоја нормална институција мора да размислуваме за добро, средно добро, просечно, лошо и многу лошо сценарио. Во моментов сме во жолто сценарио, имаме број на заболени, но го држиме под контрола. Состојбата не е влошена“, вели Караџовски.

Total
0
Shares
Поврзани објави