Кичеец бара судот да му ја намали казната за „Рекет“

Зоран Милевски – Кичеец бара од Апелацискиот суд помала од тригодишната затворска казна што ја доби во случајот „Рекет“. Ова за Алсат денеска го потврдуваат од судот. Апелационите судии можат да ја потврдат казната, да ја променат или Кичеец повторно да го вратат во судница на повторно судење. Оваа одлука, тој ќе ја дочека на слобода, откако пред два месеци му беше укинат и домашниот притвор, пишува Алсат-М.

„Предметот ќе го разгледаме внимателно и детално. Одлуката ќе ја донесеме во зависност од динамиката на разгледување на предметот“, се наведува од Апелација.

Кривичниот суд пред половина година го осуди Кичеец на три години затвор, откако тој призна вина во „Рекет“ за примање награда за противзаконито влијание. Обвинителството во судот презентираше како тој со Боки 13 излегуваат од домот на бизнисменот Орце Камчев со торба „Луј витон“, во која наводно има милион евра. На тригодишната казна тогаш реагираше адвокатот на Кичеец.

„За ова дело можна е и условна казна“, рече Александар Новаковски, адвокат на Зоран Кичеец.

Додека Кичеец бара помала казна, за точно една недела од денеска, Кривичниот суд ќе ја објави пресудата за Боки 13 и Катица Јанева. За разлика од Кичеец, тие тврдат дека не се виновни во случајот со изнудата на 1,5 милон евра од бизнисменот Орце Камчев, осомничен во предметот „Империја“.
Извор: Алсат-М

Total
0
Shares
Поврзани објави