Кина ќе им дозволи на паровите да имаат до три деца

Кинеските власти соопштија дека ќе им дозволат на паровите да имаат до три деца, откако на пописот се покажа дека нејзиното население рапидно старее. Властите одлучиле да го укинат ограничувањето со кое на паровите им се дозволуваше да имаат само две деца.

Промената на политиката е објавена денеска за време на состанокот на политичкото биро, со кое претседаваше претседателот Си Џинпинг, објави официјалната новинска агенција Синхуа, без да наведе кога промената ќе стапи на сила.

Скоро четири децении, Кина спроведуваше „политика на едно дете“ – една од најстрогите регулативи за планирање на семејството ширум светот. Оваа политика беше укината во 2016 година поради се поголемата загриженост дека работоспособното население им старее и дека има економската стагнација, по што им се дозволи да имаат по две деца.

Но, и покрај државните напори да се поттикне наталитетот, тој продолжи да опаѓа, и во 2020 имаше рекордно ниско ниво од 12 милиони раѓања, соопшти минатиот месец Националното биро за статистика. Во 2019 во земјата биле родени над 14 милиони деца.

Стапката на живородени деца во Кина е 1,3, што е под нивото потребно за одржување стабилна популација, соопшти Бирото.

Минатиот месец во Кина беа соопштени резултатите од пописот, спроведен минатата година, кои покажуваат дека популацијата на Кина старее побрзо отколку што се очекувало.

Total
0
Shares
Поврзани објави