Кои се новите правила на двата македонски аеродроми

Аеродромите во Скопје и во Охрид повторно ќе бидат отворени од 1 јули, а ТАВ Македонија воведува нови правила за патување, со цел заштита од коронавирусот.

Она што е најважно за патниците е следното – да пристигнат на аеродромите најмалку 3 часа пред нивниот лет, да стават заштитна маска пред да влезат во терминалната зграда на аеродромот, да ги дезинфицираат обувките и рацете на самиот влез во зградата и постојано да одржуваат физичко растојание – соопшти ТАВ Македонија.

Како што објаснуваат од ТАВ Македонија во однос на Меѓународниот Аеродром Скопје, при Заминувања (Departures), единствен отворен влез за патниците во терминалната зграда ќе биде влезот “Departures C”, при што пред влегување секој патник ќе треба да стави заштитна маска, да ја покаже авионската карта (печатена или на телефон) на нашите агенти за безбедност и потоа да помине преку патосница за дезинфекција на чевлите, а потоа и да ги дезинфицира рацете на безконтактните диспанзери за дезинфекција на раце, поставени на самиот влез од зградата.

– По соодветната дезинфекција на обувките и рацете, на сите патници на влезовите во терминалните згради на двата аеродроми, ќе им биде проверена телесната температура, преку термалните камери кои ние како аеродромски оператор ги набавивме, со цел да спречиме влез на вирусот во аеродромските згради, при заминување од државата. По скенирањето со термалната камера, доколку немаат покачена телесна температура, патниците ќе можат да продолжат кон шалтерите за регистрација или саморегистрација. Она што е важно за целата јавност е да знае дека во аеродромската зграда ќе можат да влезат само лицата кои патуваат, а не и нивните семејства и пријатели кои ги испраќаат или ги чекаат да пристигнат.

Не е дозволено седење еден до друг на седиштата во чекалните на аеродромот, на Заминувања (Departures), Пристигнувања (Arrivals) и кај Излезите (Gates), туку патниците ќе треба да седат на соодветното физичко растојание, а за таа цел седиштата се посебно обележани, објаснуваат од ТАВ Македонија.

Total
0
Shares
Поврзани објави