Колегите оддадоа почит на починатата медицинската сестра од Охрид

Денеска вработените во здравствените установи во Охрид и оддадоа последна почит на првата жртва на короновирусот од нивните редови.

Со вклучени сирени и ротациски светла на амбулантните возила за итна медицинска помош на Здравствениот дом од Охрид и од Општата болница вработените се простија од медицинската сестра Дијана Димоска, која е првата жртва на Ковид-19 меѓу вработените во здравствените инситуции во градот.

Педесетгодишната Димоска работеше во Интерното одделение на болницата во Охрид. Почина поради компликациите предизвикани од коронавирусот, а беше погребана на Градските гробишта во Охрид пред два дена.

На фејсбук профилот на Општата болница од Охрид покрај изразувањето почит кон колешката повторно потсетија на потребата од поголема свест и одговорно однесување како најефикасен начин за спречување на ширењето на вирусот.

Апелираат на одржување хигиена, избегнување групни собири, држење реастојание, како и здрави животни навики и повеќе физичка активност.

-Не е важно дали сте млад или стар, богат или сиромав, директор или работник. Дајте нека конечно проработи свеста кај сите нас и нека гордоста и неверувањето ги замениме со горенаведените поуки. Здравјето е најголемо богатство, потенцираат во објавата од ЈЗУ Општа болница Охрид.

Total
0
Shares
Поврзани објави