Кучето за кое „Лајка“ бараше 250 евра, вратено кај сопствениците

Кучето Пабло кое исплашено од петардите на новогодишната ноќ избега од сопствениците и беше заловено од Јавното претпријатие за бездомни животни „Лајка“, е вратено кај неговите сопственици, по еден месец престој во стационарот.

Пабло беше заловен на 1 јануари годинава, а и покрај инсистирањата на сопствениците да си го вратат назад, кучето било чувано во стационарот, кастрирано, а вчера беше објавено за вдомување под друго име, Том. На сопствениците им стигна фактура од над 14 илјади денари, доколку сакаат да си го земат миленикот.

Денеска, од јавното претпријатие одлучија сепак да им го вратат едногодишниот пит бул на семејството Филипоски.

„Пабло е дома, а ЈП Лајка Скопје допрва ќе ја осети одлучноста, посветеноста и пожртвуваноста на активистите за заштита на животни.Или ќе работите по закон или ќе го јадете по закон“, напиша на „Фејсбук“ Драгана Велковска, советничка во Град Скопје.

На видеото кое го објавија од јавното претпријатие се гледа емотивната средба меѓу Пабло и неговите сопственици, кои беа разделени еден месец.

Од ЈП „Лајка“ порачуваат да не се злоупотребува случајот.

„Денеска лицата кои тврдеа дека кучето е нивен домашен миленик, беа повикани во нашето прифатилиште и сите недоразбирања се надминати. ЈП ЛАЈКА СКОПЈЕ е сервис во служба на сите граѓани и работи согласно закон и прописи. Сите шпекулации и злоупотреби по социјалните мрежи ги демантираме и нагласуваме дека сме постапиле согласно нашите ингеренции“, напиша Лајка на Фејсбук.

Кучето немало чип како што предвидува законот, а како доказ за сопственост семејството Филипоски приложувало видеа, фотографии и ветеринарна книшка за примени вакцини. Сепак, за нечипиран миленик одговорна е Агенцијата за храна и ветеринарство, а казната изнесува 50 евра, а не ЈП Лајка, кое нема надлежност да санкционира.

Сепак, случајот со Пабло треба да претставува апел до сите сопственици на кучиња, да ги чипираат своите миленици, бидејќи тоа е единствениот ефикасен начин да се докаже сопствеништвото, а и да се лоцираат изгубените миленици.

извор: A1on.mk

Total
0
Shares
Поврзани објави