МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА ЗАЕДНО ЌЕ ГИ ЧЕСТВУВААТ СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ, СВ. КЛИМЕНТ, СВ. НАУМ И ЦАР САМУИЛ

На предлог на Министерството за надворешни работи, на седница на Владата е усвоена информација за првиот состанок на меѓувладината комисија меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, основана врз основа на член 12 од Договорот за пријателство, добрососедсвтво и соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија одржан во Софија на 10 јуни 2019 година.

Министрите беа информирани дека двете страни го разгледале Годишниот извештај на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања и предлозите до владите кои се содржани во него, биле разменети оценки за досегашната работа на комисијата и постигнатиот напредок во делот на античката историја се донесени следните одлуки:

Прифатени се сугестиите за заедничко чествување на следните личности од нашата заедничка историја: Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самуил. Двете страни се согласуваат да го промовираат договореното и во најкус можен рок да ги усогласат датумите и заедничките одбележувања. При секое официјално чествување на овие личности потребно е историската вистина за нашата заедничка историја јасно да се одбележува.

Се прифаќаат заедничките принципи и забелешки за содржината на учебниците за 5 одделение во Република Бугарија и за 6 одделение во Република Северна Македонија (Праисторија и Античка историја). Се поддржува предлогот на Комисијата за разгледување на наставниот материјал во учебниците за 6 одделение во Република Бугарија и 7 одделение во Република Северна Македонија (Среден век) до крајот на 2019 година.

Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања решително да ја забрза својата активност за значајни теми од нашата заедничка историја (Гоце Делчев, Илинденското востание и други), и да настојува да се постигнат реални резултати до крајот на 2019 година, во однос на содржината на учебниците. Прифатено е во својата работа Комисијата строго да се придржува кон одредбите од чл. 8, т. 2 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, која нагласува дека е неопходен “придонес за објективно, засновано на автентични и засновани историски извори за научно толкување на историските настани”-соопшти владата.

Total
0
Shares
Поврзани објави