Мрежата против насилство врз жените бара итно расчистување на двата последни случаја на фемицид

Два фемицида за неполни две недели се знак дека системот потфрла во справувањето со семејното и родово базираното насилство, реагира Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство и ги повикува министерствата за внатрешни работи и за  труд и социјална политика и Основното јавно обвинителство итно да ги расчистат случаите и да покренат соодветни постапки против сторителите на убиства на жени што се случија во изминатите 15-ина дена.

Мрежата против семејно насилство реагира на убиството што се случи пред две недели кога 40-годишен арачиновец ја уби својата сопруга и на убиството што на 10 мај го изврши 27-годишник во Скопје кој до смрт ја претепал жената со која живеел.

-За неполни две недели во нашата држава бележиме два фемициди, што укажува на апсолутната и итната потреба за системска мобилизација на сите можни национални и локални ресурси и капацитети за превенција и борба против родово базираното насилство во сите негови облици. Фемицидот е најекстремната форма на насилство врз жените и девојчињата и во најголем број случаи е последица на континуирано повеќегодишно семејно или интимно-партнерско насилство, и за жал, често застапен и во порите на нашите семејни заедници и општествениот систем во целост, наведува Мрежата во реакцијата, нагласувајќи дека постојано предупредува за зголемениот ризик од семејно насилство и интимно-партнерско насилство во услови на криза.

Апелира за итно и приоритетно постапување во случаите на насилство врз жени и деца од надлежните институции и очекува кривична пријава и гонење на сторителот согласно законите и Истанбулската конвенција.

Total
0
Shares
Поврзани објави