МВР: Уапсени се десетина полициски службеници за фалсификување лични документи

Според МВР, меѓународната акција, која сѐ уште е во тек, е резултат на едногодишна истрага која ВМРО-ДПМНЕ преку брифингот се обидува да ја саботира

Претпладнево во голема полициска акција се уапсени десетина полициски службеници кои биле дел од синџир за фалсификување патни исправи и лични документи, а акцијата сѐ уште е во тек, потврдуваат од МВР, а детали најавија по нејзиното завршување.

На акцијата, која сѐ уште е во тек, ѝ претходела истрага од повеќе од една година и документирање на дејствувањето на криминалната група од нашата полиција во координација со Канцеларијата за истраги на Амбасадата на САД и Интерпол.

Според опозициската партија, во МВР се издадени патни исправи со лажен идентитет за водачот на озлогласениот Шкаљарски клан за трговија со дрога Јован Вукотиќ и водачот на турската мафија Седат Пекер. Тие добиле лажни идентитет како Ѓорѓи Андонов и Џадин Адемовски, а од партијата аферата ја нарекоа „Мафија“.

Според документите на кои се повика Мицкоски, Седат Пекер од Турција, кој бил протеран од Македонија, се појавил во полициската станица во Драчево и се сликал за личен документ под името Џадин Адемовски, како бизнисмен.

Со македонска патна исправа се стекнал и Јован Вукотиќ, кој добил македонски пасош на име Ѓорѓи Андонов. Тоа е утврдено откако тој бил фатен во Турција со тој документ и бил екстрадиран во Србија, по што е покрената постапка против него.

Мицкоски денеска рече дека документите ги добиле од „свиркач“ и ќе ги објават целосно откако ќе ги комплетираат.

Според извори во МВР, вчерашниот брифинг бил во насока да се саботира оваа меѓународна акција.

На новинарско прашање да го коментира ставот на МВР дека ја саботираат акцијата, Мицкоски одговори:

„Да не беше брифингот на ВМРО-ДПМНЕ и да не излезевме денеска во јавност, немаше да се разбудат од зимски сон. Ако ја спроведувале една година, ќе ја спровеле, а не да апсат некои службеници. Не убедувајте ме дека службеникот што фотографира или тој што земал отпечатоци знаел кои се овие лица“,

рече Мицкоски, притоа прашувајќи што се случи со истрагата за прислушувањето обвинители и судии од пред три години или со случајот „Планина“ за апсењата во Грчец и Гази Баба.

Total
0
Shares
Поврзани објави