Над 80 отсто од заразените болеста ја минале без симптоми

Над 80% од сите регистрирани случаи на коронавирус во Северна Македонија, заразата ја минале асимптоматски или со многу лесни симптоми, изјави денеска епидемиологот Жарко Караџовски.
„Просечно 80% од сите регистрирани случаи се асимптоматски или со многу лесна клиничка слика. Од останатите 20%- меѓу 12 и 14% имаат лесна клиничка слика со лесно изразени симптоми: температура, слабост, малаксаност, течење на нос. Овие лица се препорачува да останат дома и да примаат терапија”, рече Караџовски. 

Само мал процент, меѓу 2 и 4 отсто од сите заразени, завршуваат на болничко лекување- најчесто со воспаление на белите дробови или друг проблем. Еден отсто од заразените завршуваат на респиратор, вели епидемиологот.
Според министерот за здравство, Венко Филипче, над 85% од оние што починале од или со коронавирусот, имале тешка форма на некоја друга хронична болест, односно коморбидитети. 

Вториот бран на коронавирусот ги натера надлежните дополнително да ги зголемат капацитетите за тестирање, како и за болничко сместување на пациентите. Филипче денеска информира дека државата ќе тестира уште дополнителни 350 лица дневно, а се водат преговори со приватните лаборатории и тие да ги тестираат граѓаните, но по цената која ја утврдува Фондот за здравство- 1.850 денари од тест.

Total
0
Shares
Поврзани објави