Најголем дел од кривичните дела од омраза се по основ на етничка припадност

Во периодот од 1 јануари до 31 декември 2019 година, Хелсиншкиот комитет регистрира вкупно 159 инциденти и кривични дела од омраза од кои најголемиот дел се по основ на етничка припадност.

Во најновиот извештај за криминалот од омраза за 2019 година се наведува дека зголемениот број инциденти извршени по основ на етничка припадност достигнува алармирачки 86% од сите регистрирани инциденти.

Во извештајот пишува дека скоро сите инциденти се случиле помеѓу припадници на македонската и на албанската етничка заедница, а најзагрижувачки е фактот дека огромното мнозинство на жртви и сторители на тие инциденти се малолетници/младинци.

„Некои од делата од омраза се извршуваат поради одмазда или ретрибуција (освета) поради претходен инцидент, Најчесто, еден инцидент ги исполнува битијата на две или повеќе кривични дела, па од тие причини бројот на кривични дела не соодветствува со бројот на инциденти“, се наведува во извештајот на Хелсиншкиот комитет.

Што се однесува до инцидентите предизвикани поради политичка припадност или убедување не инволвираат луѓе како жртви.

„Наместо тоа, како жртви се јавуваат правни лица, што се должи на фактот дека поголемиот дел од овие инциденти се однесуваат на оштетување на имот и нанесување на материјална штета. Политичките партии продолжуваат со поттикнување на говор на омраза преку нивните јавни настапи за време на предизборните кампањи. Исто така, говорот на омраза во голема мера е користен во рубриките наменети за коментари во електронските медиуми што генерираат политички вести“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Во годишниот извештај се наведува и дека покрај заложбите на Владата во насока на зголемување на заштитата на правата на ЛГБТ заедницата, како и покрај изборот на нов државен јавен обвинител, случаите на дела од омраза сторени врз ЛГБТИ заедницата во периодот од 2013-2015 година сѐ уште останале нерешени во јавното обвинителство.

„Сѐ уште е нејасно дали властите ја препознаваат разликата помеѓу делата од омраза и говорот на омраза. Измените и дополнувањата на Кривичниот законик кои се однесуваа на криминал од омраза, а беа усвоени во декември 2018 година, стапија во сила на 8 јануари 2019 година. Ова е многу значајна промена во законодавството и како резултат треба да покаже зголемување на кривичното гонење за криминалот од омраза. Во таа насока, согласно одговорите на барањата за пристап до информации упатени до МВР, се забележува дека за првпат полициските станици експлицитно квалификуваа кривични дела како дела од омраза“, пишува во извештајот.

Total
0
Shares
Поврзани објави