Најмногу патуваме со автомобили, сè помалку користиме јавен превоз

Во изминативе три децении, навиките за патување на македонските граѓани значајно се промениле. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека автомобилот и такси превозот постанале главното средство за патување низ годините.

Во 2018 година, 80,4 отсто од изминатите патнички километри во патниот превоз (9.452 милиони патнички километри) граѓаните ги поминале со своите автомобили или со такси. За разлика од ова, јавниот превоз во земјава остварил само 10,9 отсто од вкупниот број на изминати патнички километри (1.278 милиони патнички километри).

Статистиката за 2018 година покажува дека меѓуградскиот и меѓународен превоз со автобуси поминал 968 милиони патнички километри (8,2 отсто од вкупниот број), додека железничкиот патнички транспорт остварил само 64 милиони патнички километри (0,5 отсто од вкупно изминатите километри во годината).

Силната доминација на автомобилите и такси превозот во патувањата на граѓаните се должи на сè поголемиот број на автомобили на нашите улици, при што ова превозно средство граѓаните вообичаено го користат за патувањето до своето работно место, на училиште, на одмор и слично. Но, статистичките податоци покажуваат дека актуелните бројки се многу поразлични во споредба со тоа како сме ги организирале патувањата како општество во периодот на распадот на СФР Југославија.

Во 1990 година, мобилноста на населението била речиси двојно помала од денес. Наспроти денешните изминати 11.762 милиони патнички километри, пред речиси три децении се регистрирани 6.750 милиони патнички километри во патниот превоз. Од нив, 54,7 отсто биле поминати со автомобили и такси превоз (3.692 милиони патнички километри), додека 22,1 отсто од изминатите километри остварил меѓуградскиот и меѓународен превоз (1.492 милиони патнички километри).

Total
0
Shares
Поврзани објави