Од утре нема влез за странци во Унгарија

Унгарскиот премиер Виктор Орбан издаде декрет со кој го забранува влезот на странци во земјата, со малобројни исклучоци. Забраната, која стапува на сила утре, беше објавена минатиот петок, објави агенцијата МТИ.

Исклучоците се однесуваат на државните функционери кои организираат официјални настани, лица кои примаат медицински услуги, странски студенти со потврда дека редовно студираат, возачи на камиони на пат кон своите куќи, учесници во спортски, културни или верски манифестации.

Сите кои имаат одобрен влез во Унгарија ќе мораат да одат во двонеделен карантин и да бидат два пати тестирани негативно на коронавирусот. Двонеделниот карантин е задолжителен и за Унгарците кои се враќаат од странство.

– Овие мерки се воведени за да се спречи внесувањето на вирусот во земјава, истакна шефот на кабинетот на премиерот, Гергели Гулаш, додавајќи дека Унгарија, сака да ги заштити своите постари граѓани и на децата безбедно подготвени за почетокот на учебната година и да продолжат со економскиот напредок.

Грчката Влада за уште две седмици ја продолжи забраната за влез во Грција на државјани на трети земји, како и мерката за ограничување на копнените поврзувања на земјата со Македонија и Албанија.

Претходната заедничка министерска одлука за прекинот на копнените поврзувања на Грција со Македонија и Албанија истекува денеска, а ќе се продолжи со нова што ќе биде во сила до 15 септември.

Сигнали за постигнување на некој регионален договор за слободен проток на луѓе од втората половина на овој месец имаше изминатиот викенд, откако земјите од Западен Балкан, Грција и Бугарија организираа видеоконференција на која разговараа за состојбата во земјите со ковид-19. Таму на иницијатива на министерот Филипче, беше побарано да се овозможи слободен премин на границите, но да има контрола над состојбата со вирусот.

На состанокот се договориле да се изработи иницијален документ на заемен протокол за границите, а следната видеоконференција, на која ќе се дискутира за протоколот, ќе се одржи најдоцна за две недели.

Total
0
Shares
Поврзани објави