Околу 300 невооружени војници ќе ги обезбедуваат болниците

Околу 150 полицајци и 300 припадници на Армијата ќе бидат ангажирани за обезбедување на здравствени објекти, во зависност од потребите на Министерството за здравство.

Ова е заклучок на Управувачкиот комитет за соравување со кризата до владина, која денеска треба да го усвои предлогот. Потоа, предлогот треба да се одобри и од претседателот Стево Пендаровски, кој треба да даде соодветна наредба на АРМ за поддршка на полицијата.

В.д. директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов по седницата на Управувачкиот комитет изјави дека се работи за 295 припадници на Армијата кои нема да бидат вооружени и ќе бидат распоредени само онаму каде што ќе биде тоа неопходно, но исклучиво како придружба на полициските службеници.

Тоа ќе бидат места каде што има голема фреквенција на луѓе, но нема да се однесува на приватните болници, кои имаат сопствено обезбедување.

„Полициските службеници се оние коишто имаат полициски овластувања, додека припадниците на Армијата ќе им помагаат на нив, пред сѐ за одржување на редот пред болниците и ковид-центрите, за да се овозможи поквалитетна и непречена работа на здравствените работници“, рече Ангелов и појасни дека се работи пред сѐ за превентивна функција.

„Ние не праќаме војска затоа што граѓаните прават нереди во болниците, туку превентивно да го одржуваат редот за да можат здравствените работници непречено да ја вршат својата работа“, објаснува Ангелов.

Тој вели дека ако има потреба може да се ангажираат дополнителни сили на Армијата.

Total
0
Shares
Поврзани објави