Отворен Младински ресурсен центар „I can“ во Гостивар

Отворен е првиот Младински ресурсен центар „I can“ во Гостивар за потребите на младите во Полошкиот регион, чија мисија е подготовка на младите за активно учество на пазарот на трудот, поттикнување на претприемачкиот дух и иновативните бизнис решенија, поддршка на дигитализацијата и зелените идеи, како воспоставување поблиска соработка со приватниот сектор од регионот.

„Младинскиот ресурсен центар во Гостивар ќе нуди поддршка на младите, да ја развиваат својата креативност и своите бизнис идеи, со цел успешно да ги преточат во вистински бизниси и во старт ап компании и активно да учествуваат заедно со сите чинители на пазарот на трудот,“ истакна на денешното отворање, министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

Центарот претставува модел на инклузивен, дигитален, иновативен и неформален центар за обуки, кој целосно ќе одговори на потребите на младите и нивно побрзо и поефикасно вработување, но и можност младите да бидат дел од претприемачката сфера.

Министерката исто така посочи дека активните мерки и програми како дел од Оперативниот план од минатата година покажале висока реализираност, односно само во Полошкиот регион отворен е 231 сопствен бизнис, од кои 83 се основани од млади.

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, ја подвлече важноста од еден ваков центар за локалниот развој и изрази уверување дека овој современ ресурсен центар ќе одговори на потребите на младите во целиот Полошки регион. Додека пак, ректорот на Штуловиот универзитет, Абдулменаф Беџети рече универзитетот ќе ги стави на располагање капацитетите и експертизата со цел обезбедување квалитетни и иновативни обуки за младите, како и обезбедување на блиска соработка со компаниите во Полошкиот регион.

Амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер Техада истакна дека со поддршката на „I can“ центарот, Швајцарија ја потврдува заложбата за вклучување на младите во сите важни процеси на локално ниво, а посебно успешната активација на младите на пазарот на трудот.

Постојаната претставничка на УНДП, Нарине Сахакјан, потенцираше дека УНДП соработува со младите и младинските организации, приватниот сектор и владините институции со цел поддршка и промовирање на младинскиот концепт, верувајќи дека младите се поттикнувачи на промените и многу важни партнери за остварување на одржливите развојни цели.

Иницијативата за отворање на Младинскиот ресурсен центар „I can“ е дел од проектот за создавање можности за работа за ранливите категории, вклучувајќи ги и младите. Активностите се финансирани од Швајцарската агенција за соработка и развој, а реализирани од Програмата за развој на Обединетите нации во партнерство со локалните партнери и Министерството за труд и социјална политика.

Извор: meta.mk

А. Џез

Total
0
Shares
Поврзани објави