Ова што го живееме се си мислам дека е некој лош кошмарен сон – Семејството на донорот Емилија Динева заборавено, во тага, очај и сиромаштија

„Тој човек не е „донор“ туку личност со име и презиме, кој направи похуман чин од сите политичари и декларирани добротвори во последните 30 години заедно. Вакви луѓе се вистински светци и поради нив се уште живее вербата во хуманизмот и човечштвото. Наклон“.

Ова е само еден од илјадниците статуси кои ги преплавија социјалните мрежи на 23 мај минатата година, кога се изврши првата трансплантација на срце во Македонија. Семејството на Емилија Динева од Дојран, на оваа жена-херој беше дигнато во небо, сите му се поклонуваа, од  лекари, политичари, до секој обичен човек.

„Добрината и хуманоста на ова семејство никогаш да не се заборави“, велевме сите.

И толку… Сите  институции, тие што седат во нивните фотељи веќе не се сетија на ова семејство, кое во момент на најголема тага и загуба на 45-годишната сопруга, мајка и баба Емилија Динева, се одлучи да спаси други животи?

ММС по повод Денот на жената „8 Март“, ја посвети оваа недела на жените- херои и несомнено најпрво патот не одведе во Дојран, да го посетиме семејството на најголемата жена-херој кај нас. А семејството, заборавено.., живее во очај и сиромаштија, отпуштени од работа и без здравствено осигурување.</p>

Денес е Задушница, ден кога им се дава почит на починатите.  Ден кога се зборува за починатите. А ние на овој ден, за Емилија Динева зборувавме со нејзината ќерка Викторија.

Тага, разочараност, солзи, солзи, солзи…

Многу е тешко без неа. Јас бев уништена, да немав дете мислам дека нешто ќе си направев, вели гушејќи се во солзи ќерка и Викторија.

Диневи до 18 мај минатата година биле среќно семејство, не ни помислувале дека животот ќе им се преврти наопаку. Сопругот Миле работел во комуналното, Емилија работела во кујна во ресторан, син им Влатко учел, а Викторија, која е мажена во соседството и има синче, исто така била вработена во маркет. Но, судбината им ја нарушила среќата и семејната идила кога Емилија, како што велат, од нигде-никаде сопругот го пратила во продавница, а на синот му рекла да и го изнесе моторот за да го повози. Сакала да научи да го вози, за да не мора никого да моли да ја носи до работа, туку да си оди сама со мотор. Судбината сакала тоа нејзино прво качување на мотор да биде и последно, да удри со моторот во чешмата во семејниот двор, пред очите на син и Влатко и да се здобие со смртни последици.

Од тука почнува и нивната голгота. Велат дека во Дојран нема брза помош, па над 20 пати звонеле во Гевгелија за да повикаат од таму, но никој не им кренал слушалка. Затоа решиле од роднини со нерегистрирана кола и возач без возачка да ја пренесат Емилија во болница во Гевгелија.

Мислам дека мајка ми претчувствувала дека нешто ќе се случи. Како е можно татко ми го прати во продавница, а од брат ми го побарала моторот. Мене не ме ни повика, а само една ограда не дели, бидејќи знаеше дека јас никогаш нема да и дозволам да се качи на мотор, плачејќи вели Викторија и повторува „само да и е убаво горе“.

Да не се качува на моторот пробувал да ја спречи и син и Влатко, но без успех. Таа била решена. Викторија вели дека како нешто да ја терало да се качи на мотор, а моторите никогаш во животот не ги сакала.

Кога видел дека моторот ќе се забрза низ удолницата, брат ми пробувал да ја спречи. И ми кажува како тргал да и го земе моторот ама нозете му се врзале, му се враќале назад,  не можел да истрча.  Сакал да излезе на патот, барем да ја подбутне да не удри во бетонот, во чешмата. Кога падна мајка ми над 20 пати ѕвоневме на брза помош во Гевгелија и никој не дигна слушалка. Потоа со нерегистриран автомобил на золвата, која уште немаше возачка, се јавивме во полиција за да кажеме дека ќе носиме повреден, да не не стопираат по пат. Брат ми и татко ми беа со неа, застанале во Дојран кај матичната и таа препорачала итно да ја однесат во Гевгелија. Кога стасале во Гевгелија, како што ми кажаа татко ми и брат ми, ја ставиле мајка ми во вештачка кома за да може да издржи до Скопје. И не се разбуди од кома; Кога ја носеле во болница цело време по пат му ја стискала раката на тато, еднаш само го погледнала и толку.  Кога ја однеле мајка ми во Гевгелија прашале зошто никој не им одговорил на телефонот на брза помош. Им рекле- ако чекате да дојде превоз од Гевгелија жената ќе си починела таму кај што паднала, добро е што сте ја донеле со ваша кола, плачејќи се присетува Викторија.

Додека Емилија била во болница се молеле за да преживее, но надежите престанале кога, како што вели Вики, од Скопје го повикале семејството да дојде.

На третиот ден ни рекоа дека крварењето во мозокот престанало и тогаш малку се израдувавме, дека можно е да оди на подобро.  Но,  до петокот ни се јавија за да одиме во Скопје. Брат ми и татко ми беа веќе во Скопје, кај тетка ми. Кога стасавме таму не прашаа дали сакаме да ни дадат апче за смирување. Тогаш реков дека само сакам мама да ја видам. Рекоа дека имаат направено секакви анализи, дека настапила клиничка смрт и дека мајка ми повеќе не е жива. Но, дека многу и било здраво срцето. Тогаш не прашаа дали сакаме да ги донираме органите.  А ние сакавме да прашаме и мислевме дека не викаат дали некој од нас, од мене, татко ми и брат ми, може да донира орган за мама да биде добра. Тогаш прашавме дали има барем малку надеж за да оздрави мама, дали ќе помогне ако ја однесеме во странство на операција. Но, рекоа дека се удрила на многу лошо место на главата, дека настапила клиничка смрт и дека ништо не може да направат.  Кога ни предложија да ги донираме органите јас побарав со татко ми и со брат ми малку да излеземе надвор, за да се соземеме. Тогаш свативме дека мама ја изгубивме. Ги замолив, побарав да ме пуштат кај неа да ја видам. И ја видов, за последен пат. Таа дишеше и срцето и чукаше. Јас прво не сакав да донираме органи, бидејки мислев дека ќе се случи чудо, дека ќе ја исклучиме од апарати и дека ќе живее. Но, ни рекоа дека такво нешто е невозможно. Се изнаплакавме надвор и рековме- кога веќе неа ја нема, барем да ги донираме органите. Барем да спасиме нечиј друг живот. Барем ќе бидеме благословени од некој, објаснува бришејќи ги солзите Викторија.

И така и било. Срцето на Емилија чука во татко му на Васил од Скопје, кој досега неколкупати бил да го посети ова семејство во Дојран. И веќе се сметаат за роднини.

Со синот Васил се запознавме, дојде неколку пати, ни се заблагодари и рече дека веќе со брат ми сме му како брат и сестра. Станавме како едно семејство. Често се јавува и се слушаме. Со татко му само по телефон се слушнавме, многу ни се заблагодари, вели Викторија.

Овде завршува хуманата приказна за семејството Диневи, со еднократната помош  од Министерството за здравство што им ја ветиле и  им ја дале. Добрината на ова семејство, на кое животот не престанал да им иде по удолница, веќе е заборавена.

Од МЗ ни рекоа дека ни следува еднократна помош и ни ја дадоа. Ни рекоа дека за ова што сме го направиле ќе бидеме здравствено осигурани целото семејство. Прв пат кога се видовме со министерот Филипче, тој не праша дали имаме потреба од финансии и во било кое време да ни затреба, секогаш ќе биде тука за нас.  Ние, откако мама почина, ништо не сме побарале, се до пред некое време, кога го побаравме Тоше Зафиров, од кабинетот на претседателот Пендаровски, кој ни го доделија како лице за контакт за било што да ни затреба. Ни рекоа секогаш ќе бидат тука за нас. Навистина така ни беше речено.  Досега на Захариев два пати му се јавивме за да го прашаме до каде е процесот за здравствено осигурување. Брат ми му ѕвонеше еднаш на Зафиров и тој ни одговори. Сакавме да прашаме има ли можност и татко ми да се пензионира. Тој ни рече дека ќе види што може да направи. Пред околу две недели брат ми повторно му се јави, но тој не крена слушалка. Потоа му пушти порака, вели Вики.

Диневи се скромно семејство и велат дека ова не сакаат да се разбере како барање милост, бидејќи сакаат да се вработат и сами да си плаќаат здравствено, а сега тоа е невозможно, бидејќи се останале без работа.

Не сакам погрешно да не разберат луѓето, ние не бараме милост. Туку би сакала да замолам за вработување, за да можеме така да си плаќаме сами здравствено, не да ни го дадат како подарок. Ние цело семејство во моментов живееме со 250 евра плата од татко ми, кој 30 години работи во Комуналното. Брат ми е средно школо, јас не работам, маж ми работеше во казино и остана без работа, а го имаме и синчето Лука. Јас неколку години работев во маркет, а поради короната нема туристи и прва ме избркаа од работа. Брат ми хонорарно од пред еден месец почна да работи во општината, како комунален редар. Казиното, каде работеше сопругот е затворено,  него го оставија да биде чувар, ама веќе четири месеци како нема земено плата.  Навистина не сакам да не сватат погрешно. Пак ќе кажам дека не бараме милостина. Сакаме да се вработиме и сами ќе си плаќаме здравствено. Тешко ни е, но ние ништо не побаравме за возврат, сами ни рекоа дека заслужуваме здравствено осигурување.  Ние сите месеци откако мама почина никому не сме се јавиле и да не бевме отпуштени од работа немаше ни да се јавиме.

Само на Зафиров што му ѕвоневме и што му пушти брат ми порака, на која до денес нема одговор. Сакав само иднина на нашето семејство, да имаме барем работа, за да можеме барем да се потпреме на нешто. Никогаш не сме се покајале за тоа што го направивме, колку и да ни е тешко, колку и да ни е болно, вели Вики и додава:

Јас ја сонувам мајка ми често, таква весела каква што беше. На сон ми се јави од болница од Скопје. Кога ја прашав- мамо кога ќе си дојдеш, таа ми рече: „ Ќе си дојдам , направи нешто за ручек, кога ќе дојдам сите заедно да јадеме“. И јас во сонот и велам- „Мамо, мене овде сите ми велат дека ти си умрела.  Како може да си умрена, кога еве ние си зборуваме“. И таа ми рече: „Јас не сум умрена, јас сум жива, не им верувај што ти кажуваат!“ . Често ја сонувам и кога ја сонувам не сакам да се разбудам.  Не можам да се помирам дека ја нема. Последното го даваше за нас. Беше жртва. Секогаш се смееше и најтешко кога и беше.  Пак ќе кажам, јас знам дека мама нема да се врати, не сакам милостина, но барем една работа да се најдеше, вели Викторија низ солзи.

Сакав и порано да се обратам за здравственото осигурување ама си викам ај да не пречам, сега можеби се зафатени со короната. Сега само татко ми зема плата и само татко ми има осигурување. Но, со 250 евра не се живее. И кредит имаме за враќање.  Така беше и кога после смртта на мама ни се јавуваа за да одиме во Скопје да ни доделуваат благодарници или да го кажеме нашето искуство на некое предавање. Ама не можевме,  патот сами си го плаќавме, а немаме со што. Брат ми го покануја да зборува за органодарителството.  Но, тој сеуште не е подготвен за зборување, бидејќи сеуште не може да се соземе, несреќата со мајка ми се случи пред негови очи. И не знам како ќе издржи брат ми. Ми е страв да не му се случи нешто, иако се прави дека е силен, вели Вики и додава:

„Ова што го живееме се си мислам дека е некој лош кошмарен сон, дека ќе се разбудам и ќе помине ама не е така, секој ден е се потешко“, вели таа.

Овој „8 Март“  е првиот без мама Емилија. Место цвеќе и подарок дома, Вики ќе и носи цвеќе на гробишта. Така направила и во ноември, за нејзиниот роденден. Направила торта и ја однела на колешките во ресторанот, каде работела мајка и.

Мама за се ја биваше, а сега целиот товар е на мене. Овој период без мама си размислувам можеби затоа Господ сакаше да се омажам во соседството за да можам сега на татко ми и брат ми да им помагам.  Што ќе правеа ако не бев и јас покрај нив, да исперам, да зготвам и да исчистам.  Синчето мое Лука има три години и баба му многу му недостасува. Не може да разбере вистински што се случило. Ми вика- „мамо јас многу ја сакам баба Ема“  и ја бара по собите. Минатиот пат го носев на гробишта, па ме прашува зошто баба живее тука. На 15 ноември и беше роденден на мама, па направив торта и однесов на нејзините колешки. И Лука дојде со мене и како влеговме во ресторанот бараше да влезе да ја бара во кујна. Мајка ми многу го сакаше. Дури и сум ја прашала &#8211; кого повеќе сакаш, мене или Лука. Кога почна короната секој ден седевме во двор, се смеевме, се дружевме и една вечер така си помислив- што ќе се случи ако некој од нив изгубам. Сега се кајам што тоа сум го помислила и многу ми е тешко. За Велигден вапцаше јајца, ме викна и ми вели- Види, првото јајце што го извапцав, го пресеков на пола и како срце излезе. После свари кафе и во кафето пак срце. И се чудеше. Јас и  реков- тоа дека тато те сака многу. Не ни помислував што ќе проживееме.  Но, ете судбина, требало мама да ја изгубиме и да се спаси живот, вели Викторија.

Таа се заблагодари на градоначалникот на Дојран, Анго Ангов. Вели „многу добар човек е, и тој го изгуби татко му. Од она што го слушнала е дека се реновира паркот во Дојран, дека ќе направат споменик на мајка и и на Советот ќе одлучеле да крстат улица по име на Емилија Динева.

ММС го контактираше и градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, кој ни рече дека се во план изградба на споменик и улица, која ќе го добие нејзиното име.

Ќе направиме споменик на Емилија Динева, но не во долниот парк и не со срества од општината. Во близина на домот на Диневи со самопридонес ќе се направи парк со детски реквизити и споменик на Емилија. Средствата се обезбедини од спонзори, меѓу кои сум и јас, а граѓаните ќе учествуваат во изградбата. Во план е и улицата што поминува покрај нивната куќа да се вика Емилија Динева, но тоа треба да помине на Совет на општината. Знам за состојбата на семејството, и Влатко, синот на Емилија, бидејќи сеуште е ученик, ќе работи кај нас хонорарно, како комунален редар, рече градоначалникот Ангов за ММС.

Извор: mms.mk

Total
0
Shares
Поврзани објави